• петок, 22 ноември 2024

Започнува ВАДА – првата академија за улични танци со предавачи од САД

Започнува ВАДА – првата академија за улични танци со предавачи од САД
Скопје, 23 февруари 2021 (МИА) - Професионализација на уличните танци и култура, обезбедувајќи структуриран, долгорочен процес за едукација на младите и обезбедувајќи можност за издигнување на танцовата сцена кај нас на значително повисоко ниво се целите на проектот ВАДА - Виртуелна Американска Танцова Академија кој започна викендов да се реализира во земјава. Проектот е во креација на координаторката Ивана Балабанова од Битрикс Културно-уметнички Центар и Американската Амбасада во С.Македонија, а во кој како партнери се јавуваат КСП „ЦЕНТАР ЈАДРО“ (Јасмина Билаловиќ) и Младински Културен Центар (Ванчо Богоев), како и The Bureau of Educational and Cultural Affairs ( ECA) of the U.S. Department of State, American Voices и American Dance Abroad oд Соединетите Американски Држави. -ВАДА претставува голем пионерски проект не само во нашата земја, туку и во светски рамки, бидејќи се' уште речиси и да не постојат танцови академии за улични (кај нас познати како урбани танци) во светот. Иако уличните танци се практикувани од над 7000 млади во земјата, тие се' уште не го добиле своето место во академските редови. Создавањето на овој пионерски проект, ќе ја позиционира С.Македонија на мапата на светот како точка на зародиш на нови стандарди во практикувањето на овие танцови стилови, нешто што ќе донесе значаен придонес во танцот кај нас, а со амбиции овој проект да се развие и да стане достапен и на интернационално ниво,наведуваат креаторите на проектот. Танцовата академија ВАДА, се додава, ќе им обезбеди на младите едукација со некои од најголемите танчарски имиња од САД, земјата на хип-хоп културата, а истата ќе се реализира во два дела, и тоа: Онлајн танцови работилници во времетраење од пет месеци во периодот февруари - јули и подготовка на танцов перформанс за што е предвидено во август предавачите од САД да дојдат во С.Македонија и да работат во живо со стипендистите. Првиот курс на академијата во кој ќе се изучува танцовиот стил POPPING (попинг) овој викенд го започна реномираната танчарка и кореографка Marie Poppins, која е дел од триото Femme Fatale: https://www.youtube.com/watch?v=8MwoTxo_bsY, a во наредните курсеви е предвидено да се изучуваат и стиловите: animation, robotics, housе, dancehall, современ танц, брејкденс и мешавина од многу различни улични танци. Во програмата ќе учествуваат 35 селектирани танчари и кореографи од Скопје, добитници на комплетна стипендија, а можност за надоградба на своите знаења ќе им се даде и на 25 танчари од: Куманово, Штип, Пробиштип, Охрид, Радовиш, Тетово, Струмица и Гевгелија. Танчарите од Скопје, ќе ја следат програмата заеднички од просториите на Младински Културен Центар, согласно COVID протоколите, додека пак перформансите кои ќе се подготват во август, публиката ќе може да ги проследи во просториите на КСП Центар Јадро и Младински Културен Центар. Овој проект ќе придонесе да се прошират видиците на нашите танчари и кореографи, да се зајакне нивната техника и базата на знаења за повеќе танцови стилови која се' уште недостасува кај нас, но, уште повеќе од тоа, да се едуцира пошироката јавност за урбаната и современата танцова уметност и да се освежи програмата која е достапна за сите, наведуваат од ВАДА - хибридната танцова академија како пионер во трасирање на патот кон професионализација на урбаните танци и култура. вг/лв/

Остани поврзан