Започна 18. Меѓународен фолклорен фестивал „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка
- Со свечено фолклорно дефиле на ансамбли и друштва од Романија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија и Северна Македонија, вечерва почна тридневната програма на 18. Меѓународен фолклорен фестивал „Св. Јоаким Осоговски” во Крива Паланка.
Крива Паланка, 23 август 2023 (МИА) - Со свечено фолклорно дефиле на ансамбли и друштва од Романија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија и Северна Македонија, вечерва почна тридневната програма на 18. Меѓународен фолклорен фестивал „Св. Јоаким Осоговски” во Крива Паланка.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка се обрати истакнувајќи дека следните три дена градот ќе живее со ритамот на фолклорот, непресушно богатство што се репродуцира преку духот на народот.
-Фолклорот е печат на посебноста на еден народ, лична карта и идентитет што ѝ пркоси на современата технологија чувајќи го од заборав битот. Нашата традиција е одраз на душата од македонскиот народ. Културните вредности кои низ вековите опстојуват на овие простори преку креативниот дух на Македонецот, презентирани низ игрите, ората и македонските народни песни, заедно со разноликоста на културата што ја презентираат ансамблите - учесници од разни европски краеви ќе понудат вистинско уживање и на ова фестивалско издание, во кое верувам ќе уживаат сите жители на градот и бројните туристи што деновиве ги исполнија сите капацитети во општината по повод претстојните празнувања и фестивалски случувања, рече Митовски.
Фестивалот е во организација на Општина Крива Паланка и НУ Центар за култура, со поддршка од Министерството за култура. ид/аа/
Фото: МИА