• среда, 27 ноември 2024

Занаетчиите бараат субвенции за најавеното зголемување на минималната плата и посебен надомест за струја

Занаетчиите бараат субвенции за најавеното зголемување на минималната плата и посебен надомест за струја
Куманово, 2 ноември 2021 (МИА) - Избраните градоначалници да ги почитуваат барањата на занаетчиите кои се однесуваат на мерки и субевнции, Владата да ја субвенционира минималната плата доколку се зголеми на 18.000 денари и да најде соодветна ставка за дуќанџиите да не плаќаат надомест за индустриска електрична енергија, информираа денеска надлежните од Занаетчиската Комора на Република Северна Македонија (ЗКРСМ). Претседателот на ЗКРСМ и претседател на Регионалната занаетчиска комора - Куманово, Агрон Фазлији кажа дека најавеното зголемување на минималната плата ќе биде дополнително оптоварување за занаетчиите кои сè уште се соочуваат со кризата предизвикана од пандемијата. -Не е дека не сакаме да се зголеми минималната плата, туку не можеме да одговориме на ова, поради моменталната ситуација во која ниту еден занаетчиски бизнис не може да си дозволи таков расход, бидејќи нема приходи. Единствен услов под кој би го прифатиле ова зголемување е субвенционирање за занаетчиите од страна на државата, да се субвенционира разликата од 15. 000 денари до 18 000, тоа се 3.000 денари, како и субвенционирање на придонесите и давачките кои произлегуваат од ова покачување, изјави Фазлији. Во интерес на социо-економската одржливост на занаетчиите, микро и малите претпријатија, Занаетчиската комора реагира и за најавената криза во енергетиката и предвидувањата дека можно е да се зголеми цената на електричната енергија. -Занаетчиите плаќаат поскапа индустриска електрична енергија, а потрошувачката од овие микро и мали занаетчиски дуќани воопшто не може да се спореди со потрошувачката кај поголемите индустриски капацитети. Не може еден фен или една занаетчиска машина да троши толку големо количество на електрична енергија за да се спореди со големите индустриски капацитети. Микро и малите занаетчиски дуќани немаат толкав капацитет за да направат голема потрошувачка на електрична енергија. Поради тоа бараме микро и малите претпријатија да се стават во посебна ставка и да не плаќаат скапа индустриска струја, рече Фазлији. Занаетчиската комора веќе доставила барања до Владата, Министерството за економија за разгледување на можноста за воведување посебна ставка за занаетчиите и се надева на позитивен одговор. На овој начин, сметаат надлежните, ќе се пребродат тешкотиите во работењето на оваа категорија економски оператори.ам/вг/

Остани поврзан