Заменик специјалната пратеничка на ОН за Сирија повика на итна деескалација на ситуацијата во оваа земја
- -Во Сирија продолжува насилството, а тоа насилство претставува играње со оган. Само една погрешна проценка може да запали десетина различни буриња барут внатре во сириските граници, предупреди Рочди во Советот за безбедност. И натаму сме длабоко загрижени заради можноста од потенцијално ширење на ескалацијата во Сирија. Последиците од трагичните настани на окупираната палестинска територија и во Израел и натаму се чувствуваат во Сирија, изјави таа.
Њујорк, 29 ноември 2023 (МИА) - Заменик специјалната пратеничка на ОН за Сирија, Најат Рочди, побара од Советот за безбедност на ОН итна деескалација на кризата во Сирија и предупреди на можното прелевање на израелско-палестинската војна во оваа земја, пренесуваат агенциите.
-Во Сирија продолжува насилството, а тоа насилство претставува играње со оган. Само една погрешна проценка може да запали десетина различни буриња барут внатре во сириските граници, предупреди Рочди во Советот за безбедност. И натаму сме длабоко загрижени заради можноста од потенцијално ширење на ескалацијата во Сирија. Последиците од трагичните настани на окупираната палестинска територија и во Израел и натаму се чувствуваат во Сирија, изјави таа.
Израел изминатиот викенд повторно го гаѓаше аеродромот во Дамаск од воздух, уште еднаш привремено запирајќи ја хуманитарната воздушна служба на ОН, која работи од тој аеродром и опслужува хуманитарни програми во Сирија, изјави таа и предупреди дека „гаѓањето на цивилната инфраструктура е забрането со меѓународното право.
Според неа, до пред неколку дена речиси секојдневно имало извештаи за напади врз американските сили во североисточна Сирија, кои главно ги извршува таканаречениот Исламски отпор во Ирак, но таков напад не е забележан во последните денови.
САД, кои тврдат дека Иран ги поддржува групите што ги изведуваат тие напади, самите извршија уште два „одмазднички“ напади врз објекти во Сирија за кои тврдат дека ги користат иранската Револуционерна гарда и групите што ги поддржуваат.
-Иран негира дека овие групи се поврзани со нив, рече Рочди.
Таа посочи дека единствен начин за справување со оваа неодржлива ситуација е создавање кредибилен пристап кон политичко решение за сите прашања од интерес за засегнатите страни, дозволувајќи им на Сиријците да ги остварат своите легитимни аспирации и да исцртаат пат кон обновување на суверенитетот на Сирија. сд/
фото:ОН