Заменик-премиерот на Црна Гора, Абазовиќ во посета на Тирана
- Заменик-премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, кој престојува во посета на Тирана, денеска оствари средби со претседателот Илир Мета и со премиерот Еди Рама, јави дописничката на МИА од Тир
Тирана, 16 јули 2021 (МИА) - Заменик-премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, кој престојува во посета на Тирана, денеска оствари средби со претседателот Илир Мета и со премиерот Еди Рама, јави дописничката на МИА од Тирана.
- Претседателот Мета му честиташе на вицепремиерот Абазовиќ за напредокот што го постигна Црна Гора, особено во однос на процесот на евроинтеграција, толку значајно за сите земји во регионот. Изрази желба и така добрата соработка што постои меѓу нашите две земји и понатаму да се продлабочи во сите области, со примарна цел сè подобра меѓусебна поврзаност на граѓаните од двете страни на границата, стои во соопштението од кабинетот на Мета.
Исто така се додава дека „партнерството во НАТО треба да инспирира што поблиски односи меѓу Албанија и Црна Гора и дека двете влади имаат секоја можност да ја моделираат оваа соработка во пренесувањето на најдобрите вредности на Алијансата“.
Мета апелирал за поширока и поправедна застапеност на Албанците во централните и локалните институции на Црна Гора.
- За време на средбата, претседателот Мета посвети посебно внимание на некои конкретни проекти за поддршка на областите каде што живеат Албанци, како што се: наскоро отворање на граничниот премин во Грабон, можноста за отворање на граничниот премин Скеј-Зогај, мостот на реката Буна, што би ја поврзал Велипоја со Штој, подобрувањето на патната инфраструктура во Плава и Гучи, отворање некои гранични точки во оваа област, како и во Улцињ, регулирање на прашањето за државјанство на албански граѓани во брак со црногорски државјани, како и вработување Албанци во институциите на централно и локално ниво, се наведува во соопштението.
Претседателот Мета изразил задоволство што албанскиот фактор во Црна Гора продолжува да придонесува позитивно и стабилно во сите процеси на демократизација и развој, претставувајќи клучен фактор за евроатлантскиот и европскиот пристап на земјата.
За средбата, премиерот Рама кусо објави на социјалните мрежи, наведувајќи дека била добра и оти „се согласиле за секоја точка“.
- Посебно задоволство за првата средба со заменик премиерот - Албанец на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, со кого поминавме како стари добри пријатели и се согласивме за секоја точка, напиша Рама.
Абазовиќ ќе се сретне и со претставници на политички партии. вт/паг/