• недела, 22 декември 2024

Заменик-министерката за европски прашања во посета на Будимпешта

Заменик-министерката за европски прашања во посета на Будимпешта

Скопје, 17 ноември 2024 (МИА) - Заменик-министерката за европски прашања и заменик главен преговарач со ЕУ, Викторија Трајков од денеска ќе биде во дводневна работна посета на Будимпешта, каде што ќе има повеќе активности насочени кон унапредување на политичката, економската и образовната соработка меѓу Северна Македонија и Унгарија. Во рамки на посетата предвидена е и средба со унгарскиот министер за европски работи, Јанош Бока.

Како што соопшти МЕП, оваа посета е дел од заложбите за зацврстување на билатералните односи со земјите-членки на Европската Унија и за засилување на поддршката што земјава ја добива во процесот на европска интеграција во Унгарското претседателство со ЕУ.

Предвидено е Трајков да одржи и предавање пред студентите на Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта, кој важи за еден од најпрестижните универзитети во Европа и моментално е рангиран на 52-то место во светски рамки. 

-Темата на предавањето ќе биде посветена на европската иднина на Македонија, предизвиците со кои се соочува земјата во процесот на интеграција. Оваа можност е особено значајна, бидејќи ќе им овозможи на студентите во Унгарија одблиску да се запознаат со перспективите на нашата држава и нејзините заложби за европскиот напредок. Преку ова предавање, Трајков има за цел да ги зајакне врските со академската заедница во Унгарија и да ја промовира нашата земја како активен учесник во европските иницијативи и процеси, стои во соопштението на Министерството.

Трајков предвидено е да се сретне и со претставници на Фондацијата за граѓанска Унгарија, која е партиска фондација на ФИДЕС, водечката политичка партија во Унгарија. Фондацијата за граѓанска Унгарија има значително искуство во развивање на иницијативи кои ги охрабруваат младите и ги поддржуваат европските вредности и таа соработка може да придонесе за зголемено учество на граѓанските организации од нашата земја  во заедничките европски програми и проекти.

Како дел од работната посета во Будимпешта заменик таа ќе се сретне и со Петер Старај, државен секретар за безбедносни прашања во унгарското Министерство за надворешни работи, а предвидени се и средби со македонската дијаспора во Будимпешта како и значајни личности од општествениот и политичкиот живот кои се од взаемно значење за двете земји. нд/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан