Заклучоци на Самитот на ЕУ за Блискиот Исток, одбраната и идната буџетската рамка
- Лидерите на ЕУ во заклучоците од денешниот Самит во Брисел го поздравија планот за примирје во Газа, повикаа на зачувување на стабилноста на Либан и Сирија, ги осудија хибридните закани и напади врз земјите членки и апелираа за постигнување навремен договор за идната повеќегодишна буџетска рамка на блокот.
Брисел, 18 декември 2025 (МИА) – Лидерите на ЕУ во заклучоците од денешниот Самит во Брисел го поздравија планот за примирје во Газа, повикаа на зачувување на стабилноста на Либан и Сирија, ги осудија хибридните закани и напади врз земјите членки и апелираа за постигнување навремен договор за идната повеќегодишна буџетска рамка на блокот.
Во делот од документот посветен на Блискиот Исток, се поздравува Резолуцијата 2803 на Советот за безбедност на ОН за формирање на Одбор за мир и Сеопфатниот план за прекин на конфликтот во Газа и се повикуваат сите страни на нивно почитување, со цел стабилизирање на безбедноста во Газа, вклучително и преку трајно разоружување на Хамас и другите паравоени групи.
- Европскиот совет ја потврдува силната посветеност на ЕУ на меѓународното право и на сеопфатен, праведен и траен мир заснован на решението за две држави во согласност со релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН, каде што две демократски држави, Израел и Палестина, живеат една покрај друга во мир во рамките на безбедни и признати граници, се наведува во заклучоците.
Дополнително се повикува на непречена испорака и дистрибуција на хуманитарна помош во Газа, се изразува поддршка за обнова и развојот на Појасот и се осудува насилството на еврејските доселениците врз палестинските цивили, вклучително и врз христијанските заедници.
- Европскиот совет повикува на деескалација во поширокиот регион и ја нагласува потребата од зачувување на стабилноста во Либан. Тој ја повторува својата поддршка за стабилизирање на економската и безбедносната состојба на Либан … и повикува на целосно разоружување на Хезболах и другите паравоени групи. Европската Унија ќе продолжи да го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на либанската држава, се наведува во делот од заклучоците за Блискиот Исток.
Во врска со Сирија, лидерите ја реафирмираа поддршката за мирна и инклузивна транзиција на земјата и ја нагласија важноста од заштитата на правата на Сиријците од сите етнички и верски средини без дискриминација и ги повикаа сите актери, и домашни и странски, целосно да го почитуваат единството, независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија, во согласност со меѓународното право.
Во делот од заклучоците посветени на европска одбрана и безбедност, се осудуваат сите хибридни напади врз Европската Унија и нејзините земји членки и се повикува на забрзани напори за зајакнување на отпорноста, заштита на критичната инфраструктура и одвраќање и одговор на хибридни закани.
- Потсетувајќи дека руската воена агресија против Украина и нејзините последици врз европската и глобалната безбедност во променлива средина, претставуваат егзистенцијален предизвик за Европската Унија, Европскиот совет го разгледа напредокот … насочен кон решително зголемување на одбранбената подготвеност на Европа до 2030 година, намалување на стратешките зависности и надминување на критичните празнини во капацитетите, вклучително и во областа на Вселената, се додава во документот.
Лидерите го поздравија и усвојувањето на Регулативата за стимулациите на инвестициите во одбраната и презентацијата на Патоказот за трансформација на одбранбената индустрија и повикаа на побрзо усвојување на регулативите за одбранбена подготвеност и за олеснување на воената мобилност.
Во врска со идната Повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028-2035 година, се повикува на продолжување на напорите со цел навремено постигнување на договор за предлогот.
- Договор пред крајот на 2026 година би овозможил донесување законски акти во 2027 година, што е неопходно за да се обезбеди финансирањето од ЕУ да почне да стигнува до корисниците без прекин од јануари 2028 година, се додава во заклучоците.
Во документот се нагласува потребата од справување со дезинформациите, манипулациите и странското мешање и од заштита на слободните и плуралистички медиуми и се осудуваат сите форми на антисемитизам, омраза, нетолеранција, расизам и ксенофобија, вклучително и омразата кон муслиманите.
Дополнително во заклучоците се повикува и на „преобликување“ на односите на ЕУ со нејзините партнери од Јужниот Медитеран преку обновена политичка посветеност и на изработка на „макрорегионална стратегија на ЕУ за Атлантикот“ до јуни 2027 година. сп/ми/
Фото: Европски совет