• среда, 25 декември 2024

Заев: „Шарената револуција“ предизвика огромни промени во македонската политичка и општествена реалност

Заев: „Шарената револуција“ предизвика огромни промени во македонската политичка и општествена реалност
Скопје, 12 април 2021 (МИА) - На истекот од петте години од почетокот на едно од најважните граѓански движења за демократија и правда, најважната придобивка од „Шарената револуција“ е јасниот и гласен изблик на граѓаните дека никој не може да им ја одземе слободата и да ги зароби општеството и државата и дека тие знаат да застанат во одбрана на овие вредности и да се спротивстават на брутален режим, напиша денеска премиерот Зоран Заев на својот фејсбук-профил.
Тој додава дека континуираните, секојдневни и ненасилни протести низ симболот на боите го изразувале обединетото граѓанско општество со знамињата во разни бои кои се вееле во долгите колони. Ова движење, пишува премиерот, беше шарено во својата суштина, затоа што здружи граѓани со разни идеолошки убедувања, од различни политички партии, од најширокиот спектар на граѓанските организации од целата земја, од различни етнички заедници и какви било други припадности.
-„Шарена револуција“ предизвика огромни промени во македонската политичка и општествена реалност. Процеси кои потоа поминаа низ институционалната рамка откако претходеа реформи во правосудството, во изборниот законик, во медиумите и во јавната администрација. Владините политики од 2017 наваму останаа доследни во почитувањето на барањата и заложбите на „Шарената револуција" и во однос на аболицијата на поранешниот претседател Иванов, чин што предизвика револт и беше последната капка што ја поттикна оваа серија протести на граѓаните. Со јасно изразена политичка волја и низ реформите на правосудството беа поништени аболициите како спротивни на домашното право и беа извор на правна несигурност и на големо незадоволство кај граѓаните. Со нивното поништување ја воспоставивме нарушената правна рамнотежа. Владата зазеде цврст став оваа одлука да ја брани и застапува пред судот во Стразбур, а преку своите аргументи да му даде можност на судот истите да ги оцени како оправдани упатувајќи со тоа уште една силна порака дека оваа влада не е подготвена да прифати неказнивост, напиша премиерот.
Заев додава дека прочистувањето е финалето на длабоките и суштински реформи во правосудството, а моделот за овој процес го подготвиле и спроведуваат претставници на Судскиот совет, на Советот на јавни обвинители и со тоа му го дале потребниот кредибилитет на процесот и кој се спроведува вон допирот на политиката.
-Стигнавме до тука после тешка битка со противниците на правдата. Некои од нив останаа на браникот на криминалот – го гледаме тоа и ден денеска. Затоа беа против Законот за јавно обвинителство. Како резултат на тој закон, предметите за висока корупција и организиран криминал се живи и тие добиваат и ќе добиваат судски разрешници. Високи функционери, министри, веќе издржуваат затворски казни за тешки кривични дела. Од страна на Судскиот совет се покренати 80-тина предмети, а девет судии се разрешени. Граѓаните здружени во #ШаренаРеволуција бараа ослободени институции и отворени институции и денеска никој не може да порекне дека оваа заложба не е остварена, вели премиерот.
Тој додава дека граѓаните денес се гласни и со конкретни критички ставови, а покрај себе имаат власт која е отворена за граѓанскиот глас, слуша и знае да се поправа. Тоа, вели, е резултат на демократската промена во чие остварување сериозен удел имала и „Шарената револуција“, а граѓаните, потенцира, треба да се горди што Северна Македонија напредува на полето на демократијата и слободата.
-Авторското право на „Шарената револуција“ им припаѓа на сите граѓани и нејзината идеја и суштина треба да се пренесува од генерација во генерација. Пораката на ова граѓанско движење е жива и таква треба да остане засекогаш – никогаш да не се повтори една партиска „врхушка“ да им ги одземе на граѓаните слободата и општеството и правото на слободно изразување и критичка мисла, напиша премиерот Зоран Заев на Фејсбук. сст/дма/

Остани поврзан