• сабота, 23 ноември 2024

Заев: Струмица е пример за планирање и реализација на европски проекти и така ќе продолжи

Заев: Струмица е пример за планирање и реализација на европски проекти и така ќе продолжи
Струмица, 29 септември 2021 (МИА) - Општина Струмица постојано вложува во инфраструктурата. Струмица е европски град, пример за планирање и реализација на европски проекти. Тука социјалната инклузија е секојдневие. Струмица е центар на Балканот, иницијатор на регионални иницијативи за зближување и заеднички живот во сите сфери и тоа така ќе продолжи затоа што тоа е најдоброто за Струмица, порача премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев вечерва во Струмица. На граѓанската трибина во општина Струмица, Заев претставувајќи ја изборната кампања „Најдоброто за мојата општина“ на коалицијата предводена од СДСМ, најави дека од следната недела почнуваат со целосно проширување и комплетна реконструкција на регионалниот пат Робово – Муртино – Банско. - Кокан почна, Костадин ќе го заврши новиот Свети илијски порој (канал) којшто треба да биде како „Крушевска Република“. Дополнително тоа се пари обезбедени од ТАВ програмата, а обезбедивме и пари од проектот на Светска банка за двете булеварски улици од двете страни на новиот порој, тоа се проекти за кои веќе имаме обезбедено финансиски средства, рече Заев. Општина Струмица, посочи Заев, бележи видлив економски напредок. - И кога велиме дека следува најдоброто мислиме на фокус на развојот на Струмица како центар на младите луѓе. Планираме старт-ап инкубатор каде што младите претприемачи ќе можат да ги градат своите бизнис идеи со помош на специјално обучени луѓе од оваа сфера. Следува развој на младинското претприемништво и поддршка на старт-апите како шанса за нови бизниси и нови работни места за струмичани. Ќе ги прошириме и постојните индустриски зони со домашни и странски инвеститори што ќе значи дополнително отворање на нови работни места, изјави Заев. Струмица е веќе европски град, нагласи Заев, додавајќи дека ова отвора нови можности повторно е  понапред во развојот од другите општини. -Општина Струмица ќе ги има и најмодерни села. Целта е во нашите села да има добри услови за живот и да може да се обезбедува убава егзистенција затоа што среќата не е во градот или во селата, туку во квалитетот на животот во местото на живеење. Ќе работиме на осовременување на сообраќајната инфраструктура во селата, на подобрување на урбанистичкиот просторен изглед на селата, преку уредување на зелените површини во населените места, домови на култура. Ќе изградиме велосипедски патеки за поврзување на населените места во Струмица. Ќе ги уредиме селските плоштади, спортските игралишта и игралиштата за деца во населените места. Ќе поставиме енергетски ефикасно осветлување во населените места и во градот, систем за одвод и третман на отпадни води во населените места, ќе ги поддржиме силно проектите за воведување иновативни и современи технологии во земјоделството, рече Заев. Најави и дигитален онлајн систем за директен контакт на градоначалникот и советниците со граѓаните и постојана брза ефикасна размена на информации за услуги од надлежност на локалната самоуправа, како и соработка со НВО секторот и учество на нивен претставник како соработник во кабинетот на градоначалникот. - Иницијативите од граѓаните ќе бидат прифатени и ќе се разгледуваат преку утврден систем при што општините ќе бидат обврзани да одговорат на граѓанските иницијативи во рок до 10 дена. Учеството на граѓаните во управувањето ќе биде унапредено вистински со партнерски однос преку кој што ќе се одвива комуникација со градоначалникот и пријавата на иницијативите. Само тие кои сработиле добро и секој ден работат се подобро можат со право и со чист образ да ни го ветат најдоброто, изјави Заев. Коалицијата предводена од СДСМ, претходно денеска ја претстави изборната кампања „Најдоброто за мојата општина“ и во Ново Село, Босилово, Василево. рт/аа/

Остани поврзан