• четврток, 21 ноември 2024

Заев од Радовиш: Ја гарантираме иднината на граѓаните, ја заштитивме националната посебност и го подигнавме економскиот стандард

Заев од Радовиш: Ја гарантираме иднината на граѓаните, ја заштитивме националната посебност и го подигнавме економскиот стандард
Радовиш, 7 октомври 2021 (МИА) - Денес сме пријатели со целиот свет, со сите наши соседи, денес нашиот суверенитет, нашиот територијален интегритет, нашата државност е заштитена, потврдена и обезбедена, заштитувајќи го тоа што е наша национална посебност, гарантирајќи го тоа што е важно за граѓаните а тоа е иднината. Сите овие успеси кои ги направивме, доаѓаа политичари 30 години ги ветуваа НАТО, ЕУ, ЕУ, НАТО - успеавме ние да ги реализираме, ова вечерва го порача лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев од митингот во Радовиш. Тој е оптимист и изрази уверување дека до крајот на годината ќе ја имаме и првата меѓувладина конференција и дека до крајот на годината ќе ги отвориме и поглавјата, европските фондови и, како што рече, ќе успееме во втората, наша децениска аспирација-членство во Европската Унија. Според него тоа е патот, бидеќи ако сме скарани со соседите, со целиот свет, скарани дома Македонците, Албанците, Турците, Власите, Бошњаците, Ромите, сите тоа никаде не води. - Државата ни е како едно семејство. Нема напредок ако дома се караме. Нема напредок ако се караме и со соседите, има напредок низ пријателство, низ дијалог, низ мудри политики, заштитувајќи го тоа што е наша национална посебност, гарантирајќи го тоа што е важно за граѓаните, а тоа е иднината, подвлече Заев. Додаде дека по 20 години е направен попис и со тоа докажало кој има капацитет, а кој нема. Затоа, денеска има основни податоци врз кои ќе се развиваат рамноправни и регионални политики, ќе се инвестира и во градовите и во селата, за да се знае каде треба да се гради. - И сега кога е завршен пописот важно е колку сме Македонци, колку Албанци, колку други? Не, сите сме еднакви граѓани на оваа наша и татковина и мајковина. Ниту во Радовиш, ниту во Струмица не се учи албанскиот јазик, а велеа дека албански ќе мора да учите, не знам што ќе се случи во државата. Ништо не се случи. Државата е мирна, истакна Заев. Тој во своето обраќање се осврна и на економските состојби, на растот на платите и пензиите и притоа истакна декан минималната плата до крајот на годината ќе изнесува 18.200 денари Лидерот на СДСМ се осврна на досегашната силна поддршка на општините од централната власт и притоа рече дека општините ќе бидат уште поважни за вкупниот разовј на државата. - Следната година поминуваат нови надлежности кон општините, како што се шумските стопанства, водостопанските стопанства, јавните патишта, здравствените домови, центрите за социјална работа, домови на културата и други институции ќе припаѓаат кон општините и затоа уште поважни ќе бидат општините, затоа сериозна работа е кому ќе ја му доверите општината, посочи Заев. Вети силна поддршка за проектите кои треба да се реализираат во Радовиш како што се гасификацијата, изградба на канализациски системи во поголемите населени места, изградба на две детски градинки, мултификционален центар за млади и други проекти кои во наредниот период треба да ги реализира локалната власт. На митингот во Радовиш беше претставен кандидатот за градоначалник на СДСМ и Коалицијата, Коле Чаркачиев и носителката на советничката листа, Аница Бораниева Атанасова. На собирот се обрати и претседателот на Деморатската партија на Турците, Бејџан Илјаз. рт/нд/

Остани поврзан