• сабота, 23 ноември 2024

Заев на средба со Туск: Европската народна партија е силен поддржувач на европската перспектива на С. Македонија

Заев на средба со Туск: Европската народна партија е силен поддржувач на европската перспектива на С. Македонија
Скопје, 13 мај 2021 (МИА) - Премиерот Зоран Заев заедно со заменик-претседателот на Владата за европски прашања Никола Димитров, во Атина се сретнаа со Доналд Туск, претседател на Европската народна партија и поранешен претседател на Европскиот совет. Премиерот Заев ја искажа својата благодарност до претседателот Туск за поддршката која тој ја даде за Северна Македонија за време на склучувањето на Договорот од Преспа како и за охрабрувањата кои тој ги упатуваше на македонски јазик до граѓаните во тој период, соопшти владината прес-служба. Премиерот Заев го извести Туск дека Владата во Северна Македонија останува силно посветена на реформите во сферата на правната држава, борбата против корупцијата и криминалот, на справувањето со пандемијата, на развојот на економијата и на европските интеграции и дека ќе продолжи политичкиот дијалог со сите чинители со цел обезбедување уште подобри резултати на овие теми. Туск на премиерот Заев уште еднаш му потврди дека тој и Европската народна партија остануваат да бидат посветен пријател и поддржувач на европската перспектива на Северна Македонија и дека ќе бидат вложени дополнителни напори за поддршка на земјата со цел што е можно поскоро отпочнување на процесот на преговорите. Премиерот Заев потенцираше дека политичкиот дијалог секогаш носи решенија и во таа насока потврди дека во Северна Македонија постојат и услови и потреби за унапредување на соработката меѓу власта и опозицијата, пред сѐ заради тоа што граѓаните очекуваат заедништво и сплотеност на политичките партии кога се во прашање иднината на земјата и интересот на народот, стои во соопштението. рп/вг/  

Остани поврзан