• петок, 20 декември 2024

Заев: Најголем патриот е оној кој носи храбри одлуки за иднината, целта за членство во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ ја остваривме

Заев: Најголем патриот е оној кој носи храбри одлуки за иднината, целта за членство во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ ја остваривме
Скопје, 3 јули 2020 (МИА) - Сите сме исти, сите имаме дома деца за гледање, сите сакаме да им оставиме подобро утре отколку тоа што ние го живееме. Сега успеавме во тоа. Гледаат дека ги губат изборите и дека расте поддршката на коалицијата „Можеме“ и од Македонците ама и од Албанците, Ромите, Турците, Власите, Србите и од Ашкалиите и од сите, истакна вечерва претседтелот на СДСМ Зоран Заев на трибина на која се одржа на Универзитетот ФОН на која присуствуваа носителот на листата од коалицијата „Можеме“ во ИЕ 2 Оливер Спасовски и кандидатите за пратеници Сања Лукаревска, Мухамед Зекири.
- На самиот почеток на кампања Ахмети вика услов Албанец премиер. Никој повеќе нема да ја условува татковината. Само граѓаните се тие кои одлучуваат кој ќе е министер кој ќе е премиер, кој ќе е пратеник, претседател на државата, граѓаните и никој друг. Кога гледаме пулс дека водиме со пет, седум, девет пратеници. Око да не ви трепне, да излезете на гласање и вие таму со заокружување на вашиот глас одлучувате каде ќе оди државата, порача Заев.
Тој пред граѓаните на општина Гази Баба рече дека во нивната општина се гради како никогаш досега, дека 10 крупни капитални проекти се реализираат во овој момент и дека времето на национализам и лажен патриотизам е завршено.
-Најголем патриот е оној којшто носи храбри одлуки за иднината. Стратешката цел за членството во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ ја остваривме. Во преговарачката рамка не случајно е напишано сите акти да се преведат на македонски јазик, на македонски не на северџански, како што оние од ВМРО-ДПМНЕ ни го навредуваат јазикот. Прво тоа е признавање, по не знам кој пат од ЕУ на нашиот македонски јазик. Чест и почит за албанскиот, турскиот, ромскиот јазик и другите наши јазици, коишто никојпат не биле оспорени, но нашиот го оспоруваа во минатото. Сега е признаен од ЕУ и од сите земји членки на ЕУ, истакна Заев.
Лидерот на СДСМ и носител на листата во четвртата ИЕ рече дека секој ден се разголуваат и Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
-Се е исто, тие се луѓето на Груевски. Мисајловски му беше министер и цело време во неговата прва екипа. Мицковски му беше шеф на штаб, генерален секретар, советник, директор на ЕЛЕМ. Игор Јанушев, насилникот што денеска го слушаме што шета по истокот се обидува да добие гласови и зборува за правда, родова еднаквост. Николовски бандит невиден, само Милошоски е поголем бандит од него. Дурловски за 200.000 евра  ќе не убиваше, и сега неговото враќање во Парламентот е враќање на местото на злосторството. Исти луѓе, кој тоа лажат. Сега е слобода луѓето знаат се. Чекаат 15 јули и зад параванот да ни кажат, рече Заев.
Спасовски пред жителите на Општина Гази Баба рече дека оваа Влада најмногу инвестирала во последниве 30 години во Гази Баба. За неговиот противник од опозицијата Владо Мисајловски рече дека тој бил министер во претходната Влада и дека ништо не направил, а сега ветува дека ќе вложува.
-Мисајловски кој слугуваше на режимот и беше министер во таа Влада, денеска во Гази Баба ветува ќе вложува. Зошто не вложуваше кога беше министер, кога многу работи зависеа од неговиот потпис. Зошто Раштак и Булачани ги остави без вода. Градоначалникот денес ги решава овие проблеми. Ќе продолжиме да вложуваме во Гази Баба и да градиме во целата држава, најави Спасовски и ги повика граѓаните на 15 јули да излезат на гласање и да заокружат број 3.
Премиерот информираше дека  се остварени 660 милиони странски инвестиции досега, и дека до крајот на следниот мандатот реално ќе остварат и една милијарда.
Лукаревска на трибината во Гази Баба го потсети граѓаните дека веќе нема монтирани случаи и дека сите тефтерчиња на подобни и неподобни се искинати.
 
-Ние мораме и можеме да воведеме ред, дисциплина и правда, правната држава ќе функционира. Нема монтирани случаи, нема закани со ендеци,  сите тефтерчиња на подобни и неподобни се искинати, рече Лукаревска.
Порача дека СДСМ ќе работи и на менување на перцепцијата за јавната администрација.
-Нема вечни раководители, на младите луѓе ќе им дадеме шанса да напредуваат, администрацијата ќе им служи на граѓаните, истакна Лукаревска и додаде дека СДСМ и во наредниот мандат ќе се посвети на борбата против криминалот и корупцијата.
  • Кандидатот за пратеник Зекири пред присутните рече дека една од разликите од владеењето на СДСМ, со претходниот, како што го нарече, „режим“ е тоа што немаше етнички тензии, кои претходно, според него, режимот на тој основ се одржуваше на власт. Зекири се обрати кон гласачите Албанци за кои рече дека слушнал дека ДУИ се заканувал на административците, им порача дека доколку гласаат по нивното убедување нема да им фали влакно на главата. бк/нд/                                           

Остани поврзан