• вторник, 14 мај 2024

Заев: Ги охрабрувам младите да бидат гласни, упорни и храбро да учествуваат во политиките

Заев: Ги охрабрувам младите да бидат гласни, упорни и храбро да учествуваат во политиките
Скопје, 25 јуни 2021 (МИА) – Премиерот Зоран Заев, заменик-амбасадорот на Кралството Холандија Роберт Декер, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски и директорот на Агенцијата за спорт и млади Наумче Мојсоски попладнево во Куманово присуствуваа на отворањето на првиот мултикултурен центар во државата, наречен „Мулти-култи“. Премиерот Заев истакна дека му претставува голема чест и задоволство, што денеска токму во мултикултурно Куманово се отвора првиот мултикултурен центар во нашата држава. - Со овој настан, ја потврдуваме нашата цврста определба за вложување во младинската инфраструктура и за зајакнување на учеството на младите во процесите на креирање на младински политики и донесување на одлуки, рече Заев. Тој потенцира дека со отворањето на мултикултурните центри ќе се обезбеди соодветен и безбеден простор каде ќе се спроведува системска поддршка на личниот развој на младите, а тоа ќе се постигне преку неформално образование, учество во забавни и волонтерски активности. - Конечната цел ни е да креираме поволен амбиент за сите, во кој заедно, на иста маса, младите и институциите ќе носат одлуки во корист на младиот човек. Со отворањето на центарот и формирањето на локалните младински совети, гарантираниот буџет за млади, не постои можност градоначалникот, советот, односно локалната власт, да не ги слушне младите и да не креира политики и активности токму по нивна мерка, оти ти најдобро знаат што им треба, нагласи Заев. Тој посочи дека согласно Законот за младинско учество, во секоја општина треба да постои најмалку еден младински центар и да се обезбедат средства за негово непречено функционирање. - Ги охрабрувам младите да бидат гласни, упорни и храбро да учествуваат во политиките кои се однесуваат за нив, бидејќи ти знаат што е најдобро за нив, подвлече Заев. Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски рече дека Куманово е широк колорит и реален мултиетнички центар кој го претставуваат сите заедници кои живеат на нашата држава. - Уште поголема е радоста за мене како градоначалник, што денеска добиваме, на некој начин, признание како општина во делот на заложбите и работењето на сите младински организации кои во континуитет функционираат во нашиот град, рече Димитриевски. Тој се заблагодари на Владата, на Агенцијата за млади и спорт и на Амбадатата на Кралството Холандија и на сите пријатели на градот Куманово. Но, како што рече, најголема благодарност до младинските организации, кои даваат несебичен допирност во секојдневниот развој на градот. Димитриевски нагласи дека обрвска на општината е да изнаоѓа средства за младинските активности и оти младите треба локалната власт да ја сметаат за партнер. Директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски рече дека е роден во град во кој како и Куманово, „Мулти-култи“ е секојдневие. - Овој центар е од огромно значење за поврзување, приближување и подобро запознавање на младите од сите етнички заедници. Ние како млади луѓе со општествена одговорност имаме обрвска да придонесеме во градење мостови и бришење граници, на „наше“ и „ваше“, „мое“ и „твое“. Овој центар е голем чекор напред во градење на цврсти пријателства на младите, но и создавање идеи и проекти, заедно, без разлика на националната придонесат ќе придонесат за напредок на државата во сите сфери, рече Мојсовски. Заменик-амбасадорот на Кралството Холандија Роберт Декер истакна дека му е особено задоволство што присуствува на отворање на мултикултурен младински центар во Куманово. Тој рече дека младите луѓе заслужуваат поддршка, затоа Амбасадата на Холандија соработува со нив на проекти. - Сигурен сум дека младите од „Мулти-култи“ центарот, ќе бидат како националната фудбалска репрезентација и ќе ја направат Северна Македонија подобра и посилна, истакна Декер. ир/ам/

Остани поврзан