• недела, 22 декември 2024

Заев: Ги носиме европските вредности дома, ВМРО-ДПМНЕ тоа не може да го закочи

Заев: Ги носиме европските вредности дома, ВМРО-ДПМНЕ тоа не може да го закочи

Штип, 6 октомври 2021 (МИА) - Инвестиција од 30 милиони евра и проширување на фабриката за производство на акумулатори ТАБ МАК, најави за граѓаните на Пробиштип и регионот, лидерот на СДСМ Зорaн Заев, кој вечерва се обрати на централниот митинг на кој се промовираа pрограмата и кандидатот за градоначалник Драган Анастасов-Ладич, како и советничката листа, чиј носител е Оливер Андовски.

- Со дозвола секако на пријателите од Словенија, а тука е и локалниот менаџмент можам да објавам дека утре имам состанок со ТАБ МАК од Словенија, денеска јас бев таму, утре се словенците тука, каде што ќе разговараме за новата инвестиција, за проширување вредна 30 милиони евра, којашто отвара нови работни места. Јас смеам толку да кажам, се надевам дека таа доверба што ја имаме досега со оваа значајна македонска компанија, со словенечки капитал дека ќе биде доволна причина за утре да ги заокуружиме и финализираме сите договори. Затоа што ова е нешто, што е многу важно, кое што ќе значи идеен развој, нови работни места, зголемен економски стандард севкупен за нашето и ваше Пробиштип, рече Заев.

Забележа дека ако во Пробиштип се прават најдобрите акумулатори во државата, а знае и како што рече и каде се прават најголемите кочници, а тоа е во белиот дворец на ВМРО-ДПМНЕ.

-Кочи Мицко и тоа е таму милионска инвестиција, изградена со ваши пари, со наши пари. Но, драги мои и покрај масовното производство на кочници, тие не можат да пробијат на пазарот, веќе четири години народот не им ги купува. Ниту ќе го закочат напредокот, ниту ќе ја вратат државата назад, за пак да ги крадат народните пари, за пак да изигруваат локални шерифи и паши и да не одговараат  пред никого, е нема да може, рече Заев.

Забележа дека никој не може да го кочи развојот на една држава, која има се, а пред се вреден народ, а институциите треба да планираат и работат во интерес на граѓаните.

Лидерот на СДСМ, Заев порача дека ќе продолжат да инвестираат во граѓаните, како што и досега тоа го правеле, со зголемување на минималната плата, како и на просечната, кои во рок од четири години се зголемени за околу 6.000 денари, со што придонесе да растат платите на работниците во сите сектори.

- Затоа една од првите мерки беше зголемувањето на минималната плата од 8 или 9 илјади на 12.000 денари. Денес таа е 15.200 денари со тенденција да достигне 18.000 денари до крајот на годината. Тоа овозможи да растат платите во сите сектори и денес таа да изнесува 28.744 денари или за над 6.000 денари повеќе отколку во 2017 година. За четири години и просечната и минималната плата се покачени за најмалку 100 евра“ порача Заев.

Лидерот на  СДСМ истакна дека сите овие години се посветени на трајно искоренување на сиромаштијата.

- Социјалната помош  ја зголемивме за 300 отсто, пензиите порасна за во просек по 2.000 денари, ги обесштетивме стечајните работници и воведовме државна социјална пензија, покрај детскиот воведовме и образовен додаток. За рударите ги олеснивме условите за пензионирање, односно сега рударите остваруваат право на пензија со навршување на 40 години пензиски стаж за мажи, односно 35 години пензиски стаж за жени. Тоа значи дека ако претходно рудар се пензионирал со навршени 58 години, со новото решение се пензионира на околу 50 години. И сето тоа го постигнавме додека редевме успеси на меѓународен план, додека ја исправавме државата на вистинскиот евроатлантски пат, рече Заев.

Тој  е дециден дека нашата иднина е во ЕУ и од тој пат нема скршнување, за побрз влез во европската заедница најави дека ќе следи период на повеќе пари за општините и подобра фискална децентрализација, а тоа ќе значи и повеќе пари за проекти за граѓаните во општините.

- Денеска бев на Самит Брдо – Крањ, во Словенија, најважните претставници на Европската Унија, Меркел, Мишел, Борел, Фон дер Лајен, Санчез,сите европски лидери, дадоа поддршка и го поздравија  успехот што Северна Македонија го постигна во последните четири години во речиси секоја сфера, истакна Заев.

Тој нагласи дека нашата иднина е во ЕУ и тоа нема алтернатива.

- И покрај потешкотиите што Унијата во овој период ги има околу проширувањето, не се откажуваме од европската агенда, не се откажуваме од тоа европските стандарди и вредности да ги носиме дома“, порача Заев, додавајќи дека успеавме да влеземе во НАТО, ќе успееме и во ЕУ, тоа го заслужуваме, кажа лидерот на СДСМ.

Заев на пробиштипјани им порача дека имаат вреден и квалитетен градоначалник, кој во изминатите четири години работел, лобирал и носел проекти за Пробиштип. Потсети дека се реализирани капитални проекти, а најави дека Анастасов ќе реализира и уште сто проекти. Деновиве стартува и реконструкцијата на патот кон Лесново, а се реализираат и неколку проекти и од ТАВ Програмата.

-Со реализација на инфраструктурни проекти продолжуваме, затоа што сметаме дека се важни за граѓаните, а не во изградба на споменици, жални врби, рече Заев.

Порача дека Пробиштип го има вистинскиот кандидат за градоначалник Драган Анастасов, како и советничката листа предводена од носителот Оливер Андовски. вдј/са/

Остани поврзан