• недела, 22 декември 2024

Завршува објаснувачкиот скрининг со ЕУ за кластерот „Темели“

Завршува објаснувачкиот скрининг со ЕУ за кластерот „Темели“
Скопје, 27 септември 2022 (МИА) - Во Брисел денеска ќе се одржи состанок за Поглавјето 23 „Правосудство и фундаментални права“, со кој завршуваат објаснувачките скрининг состаноци за Кластер 1, „Темели“. Вчера се одржа објаснувачкиот скриниг состанок за уште една област што првпат се воведува во пристапните преговори – Функционирање на демократските институции“, во рамки на кластерот „Темели“, што е основна вредност врз која функционира Европската Унија. Реформските процеси не се само за воведување нова легислатива, туку и за промена на менталитетот и стилот на владеење. Знаеме и имаме искуство за тоа колку е важно владеењето на правото, како и тоа да имаме независни и ефикасни институции кои го гарантираат истото, рече вчера Маричиќ.

Скринингот за усогласување на нашето законодавство со тоа на ЕУ официјално почна на 15 септември, и според очекувањата на вицепремиерот Бојан Маричиќ ќе трае до ноември 2023 година.

Од 15-27 септември 2022 година се одржуваа состаноци за областите и поглавјата од Кластерот Фундаментални вредности, кога Комисијата го презентираше новото законодавство за овие области. Сите состаноци се одржуваа во Брисел, освен за Поглавјето 18 Статистика во Луксембург. Во периодот од 11 ноември до 9 декември ќе следи билатералниот скрининг, кога ние ќе го презентираме степенот на усогласеност со правото на ЕУ, институционалната поставеност за спроведување на усогласените закони, и плановите за понатамошно усогласување, градење на институционалните и административните капацитети, како и потребните човечки, финансиски и ИТ ресурси за спроведување на европските стандарди. Европската комисија потоа подготвува извештај од скринингот кој меѓу другото содржи и наоди и оценка на Комисијата за степенот на усогласеност, капацитетите и заклучоци и препораки, соопштуваат од Секретаријат за европски прашања. На самиот почеток на скрининг процесот, вицепремиерот Маричиќ за МИА изјави дека според некои проценки дека досега сме усогласени околу 40 отсто со законодавството на ЕУ, значи скоро половина, а тоа значи, вели, дека сме ги искористиле добро овие 17 години чекање за да ги почнеме преговорите и во некои области сме на исто ниво или на подобро ниво од државите кои веќе преговараат со години како Србија и Црна Гора. - Практично скринингот е таа фаза на дијагноза до каде сме и што треба да правиме, рече тогаш Маричиќ. Во однос на тоа дали се очекуваат потешкотии во некои области во усогласувањето на законодавството и каде имаме слабости, Маричиќ кажа  дека многу работа не очекува во вториот кластер – Внатрешниот пазар, а исто така и во првиот, којшто е најважен, а тоа се Темелните вредности. нд/са/      

Остани поврзан