• петок, 05 декември 2025

Завршна изложба од проектот „Живеј со стил – поддржи различности“ одржана во Делчево

Завршна изложба од проектот „Живеј со стил – поддржи различности“ одржана во Делчево

Делчево, 6 ноември 2025 (МИА) - Со изложбата што се одржа во НУ Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ во Делчево, беше заокружен циклусот на патувачките изложби во рамките на проектот „Живеј со стил – поддржи различности“, во организација на Здружението Икуалити, со поддршка од Министерството за култура.

Како што информираат од здружението Икуалити Делчево, како седми и последен град-домаќин, ја заокружи оваа уникатна културна иницијатива која преку 32 портрети на лица со попреченост ја пренесе пораката за сила, инспирација и човечки вредности.

Изложбата своето патување го започна на Илинден во Крушево, а потоа беше прикажана и во Гевгелија, Ресен, Велес, Крива Паланка, Свети Николе и конечно Делчево, оставајќи длабока трага во секоја средина и потсетувајќи дека различностите се суштинска вредност на едно општество.

Иако патувачкиот циклус завршува со Делчево, проектот продолжува со финална изложба во декември во Скопје, за време на новогодишната забава организирана од Здружението. Таму повторно ќе бидат претставени сите 32 портрети.

 „Живеј со стил – поддржи различности“ има за цел да ја промовираа еднаквоста, инклузијата и општествената солидарност преку уметноста. свс/вг/

Фото: Здружение Икуалити

Остани поврзан