• сабота, 23 ноември 2024

Заврши 49. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК

Заврши 49. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК
Охрид, 5 септември 2022 (МИА) - Истражувањата од творештвото на Васил Иљоски и Горан Стефановски, по повод јубилеите – 120 години од раѓањето на Иљоски и 70 години од раѓањето на Стефановски, како и 70 години од објавувањето на „Граматиката на македонскиот литературен јазик“ од Блаже Конески беа во фокусот на 49. Меѓународна научна конференција на Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК) што вчера и денеска се одржуваше во Охрид. Традиционално, од Конференцијата се објавува зборник на трудови, кој, според организаторот, се очекува да биде важна референца за натамошните осврнувања за опусите на Иљоски и Стефановски и граматиката на Конески, но и конкретен поттик за нови истражувања од македонската наука, вклучително и за теми на кои подолг период не им беше посветено внимание, а се важни за македонистиката. - Преку Конференцијата на МСМЈЛК при УКИМ, тие не само што се реактуелизираа и повторно се ставија во фокусот на научниот интерес, туку се согледаа и нови, неприменети научни пристапи кои доведуваат до нови значајни заклучоци, соопшти организаторот. По подолг период, како што е наведено, се изнесоа нови научни согледби за творештвото на Васил Иљоски, како со истражувања со примена на нови книжевни теории или теории коишто досега не биле применувани во анализирањето на опусот на овој клучен автор за историјата на македонската драма, така и преку анализирање и на непознати делови од неговиот опус и повторна насоченост на книжевната наука кон книжевните и историските архиви. Според информацијата, одново се исчитал голем дел и од творештвото на Горан Стефановски, при што не само што се дојде до нови научни согледби за неговото драмско творештво, туку внимание беше посветено и на неговите есеи. - Преку одделните истражувања, влогот на Стефановски се анализираше и од културолошка перспектива, којашто овозможи нови заклучоци. Преку одделни истражувања, од Конференцијата се даде влог и за нови согледби за македонската книжевна историја, со ново исчитување на драмските текстови на Стефановски, но едновремено се согледаа и тези за натамошна научна дискусија, стои во соопштението на МСМЈЛК. На лингвистичката секција се отвориле низа прашања за јазикот на драмските текстови, како и прашања поттикнати од „Граматиката на македонскиот литературен јазик“ од Блаже Конески. На конференцијата учествуваа 80-тина научници – македонисти, балканисти и слависти. Покрај истакнатите и веќе потврдени научници, автори на клучни македонистички публикации, учествувале и млади кадри, кои покажале подготвеност за себевложување во нови перспективи за македонистичката научна мисла. сс/дма/

Остани поврзан