• среда, 06 ноември 2024

Заврши целосната реконструкција на неколку улици во дебарската населба „Венец1“

Заврши целосната реконструкција на неколку улици во дебарската населба „Венец1“

Дебар, 6 јуни 2024 (МИА) - Во рамки на втората фаза од реализацијата на најскапиот инфраструктурен проект досега во општина Дебар, поставен е асфалт на уште неколку улици во населбата „Венец 1“

Активностите одблиску ги следеше градоначалникот Хекуран Дука, кој за МИА соопшти дека проектот е со вредност од околу 37 милиони денари што е најскапиот инфраструктурен проект досега во општината и се реализира со финансиска поддршка добиена на конкурсот на Министерството за транспорт и врски, со обезбедени средства од страна на Светска банка, со кофинансирање на општината.

-Беа асфалтирани неколку улици, откако претходно беше изградена атмосферска канализација, што е за првпат, како и на претходно, целосно, реконструираните улици во населбата „Венец1“, изградени пред 1980 година. Уредени се и тротоари со нови бекатон плочки а сега останува само поставување на уличните светилки. Овој инфраструктурен мегапроект на општина Дебар, кој почна да се реализира во мај минатата година, и до сега целосно се реконструирани повеќе улици, уредени се тротоарите, поставено е ново улично осветлување а за првпат добија и атмосферска канализација, рече Дука.

Најави дека е подготвен техничкиот проект со кој се предвидува асфалтирање на преостанатите улици во населбата „Венец 1“ и во „Венец 2“, додавајќи дека во текот на годинава и на други улици во градот ќе се преземат потребни зафати.вт/фф/

Фото: МИА

Остани поврзан