• петок, 05 декември 2025

Заврши третиот летен камп по Вероучение во бигорскиот скит „Свети Кирил и Методиј“ во Битуше

Заврши третиот летен камп по Вероучение во бигорскиот скит „Свети Кирил и Методиј“ во Битуше

Дебар, 26 јули 2025 (МИА) - Во бигорскиот скит„Свети Кирил и Методиј“ во Битуше заврши третиот летен камп по Вероучение.

-Бигорскиот скит посветен на светите сесловенски просветители и учители, рамноапостолните Кирил и Методиј, беше исполнет со триесетина млади луѓе од различни краишта на нашата татковина. Во прегратката на прекрасната природа и во молитвената тишина, тие имаа можност да се запознаат подлабоко со вистините за православната вера и со нејзината примена во секојдневниот живот, информираше сестра Ефимија.

Според неа, преку часовите по Вероучение, искрените разговори и креативните работилници, младите стекнуваа знаења, се изразуваа креативно, и духовно се збогатуваа. 

-Секој миг беше облагороден со љубов, едноставност и заедничарење во Христа и меѓу себе. Посебна радост претставуваше изведбата на мини претставата, што учесниците ја подготвија водени од актерот Владо Дојчиновски, и ја изведоа на амфитеатарот во скитот, пред бројна публика која пристигна од повеќе места од регионот, нагласува таа.

Додава дека меѓу „присутните беше и нашиот возљубен Старец, епископот Антаниски г. Партениј, кој со длабоко внимание го проследи делото и упати искрена благодарност до сите што вложија труд во оваа едукативна и инспиративна драма".

Дружењето, игрите, заедничкото пеење, богослужбите, прошетките низ планинските убавини, сето тоа го направи овој камп едно незаборавно духовно доживување. 

-Веруваме дека спомените од овие денови ќе останат длабоко врежани во срцата на младите, меѓу кои се родија нови, силни пријателства, се зацврсти верата и се засили надежта. Тоа е жива потврда дека човештвото има светла иднина, ако живее со Христа и за Христа, посочи сестра Ефимија. вт/вј/

Фото: Бигорски манастир

 

Остани поврзан