Заврши снимањето на филмот „Набљудување"
- Заврши снимањето на долгометражниот игран филм „Набљудување” во режија на Јанез Бургер, соопшти денеска продуцентската куќа „Кавал Филм“. Филмот е снимен на локации во Љубљана, Словенија и Го
Скопје, 19 април 2022 (МИА) - Заврши снимањето на долгометражниот игран филм „Набљудување” во режија на Јанез Бургер, соопшти денеска продуцентската куќа „Кавал Филм“. Филмот е снимен на локации во Љубљана, Словенија и Горица, Италија.
Сценариото е на Срѓан Кољевиќ и Јанез Бургер, а продуценти на филмот се Миха Чернец и Јожко Рутар од продуцентската куќа „Старагара“ од Словенија. Копродуценти се Борис Т. Матиќ од „Пропелер филм“, Хрватска, Игор Принчич од „Трансмедиа“, Италија и Роберт Јазаџиски од „Кавал Филм“, С. Македонија.
Проектот е поддржан од Словенечкиот филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар, РТВ Словенија, Студио Виба Филм, Агенција за филм на Северна Македонија, Creative Europa Media, Friuli Venezia Giulia Film Commission и Министерството за култура на Италија. Вкупниот буџет на филмот
изнесува 1,8 милиони евра.
Како што се наведува во соопштението, филмот ја следи Лара, млада медицинска сестра на пробна работа во службата за итна помош, која учествува во спасувањето на брутално претепаниот Кристијан. Претепувањето во живо - на фејсбук, го гледале дваесетина илјади луѓе и притоа никој од нив не повикал полиција. Иако Кристијан е во кома, Лара од неговиот фејсбук профил добива видео снимки на кои непознати лица го гледаат претепувањето и ова го пријавува во полиција. Во меѓувреме, сите набљудувачи од видео снимките стануваат дел од нејзиното морничаво секојдневие. Набрзо, сфаќа дека и самата е соучесник во овој ужасен настан.
Филмот е инспириран од вистински настан кој се случил во село Подбочје, Словенија. Убиството во Подбочје е современа верзија на убиството на Кити Џеновезе во Њујорк, 1964 година „Случајот Џеновезе”, кој стана симбол на урбаната апатија и недостаток на сочуство, ги постави темелите на поимот “ефект на набљудувачот” (или Џеновезе синдром”).
Улогите во филмот ги толкуваат Диана Коленц, Наташа Кесер, Владимир Влашкалиќ, Бенјамин Крнетич, Јуре Хенигман, Блаж Сетникар, Павле Равнохриб, Дамјана Черне, Мојца Функл, Лара Воук, Роберт Пребил, Сретен Мокровиќ и други.
Кинематографер е Марко Брдар, монтажер Милош Калусек, сценографиите се на Васја Кокаљ и Шпела Јеловчан, костимограф е Ана Савиќ – Гецан, композитор Тони Китановски, а шминкер Ана Булајиќ Чрчек.бт/са/