• понеделник, 23 декември 2024

Заврши реконструкцијата на најголемиот зелен пазар во земјава

Заврши реконструкцијата на најголемиот зелен пазар во земјава
Скопје, 3 септември 2021 (МИА) – Најголемиот и најсовремен зелен пазар во државата – Битпазар со инвестиција од 250 милиони денари на „Скопски пазар“ АД Скопје го доби својот нов модерен лик на 8.800 квадрати метри со 630 тезги, 175 локали и нов паркинг простор за 220 возила. -Владата ги поддржува капиталните инвестиции посебно оние кои имаат трајна вредност и ги подобруваат условите за работа на нашиот народ, за граѓаните. Во таа насока упатувам честитки за современиот изглед на традиционалниот Битпазар позициониран на стратешка локација со излез на најфреквентниот пат кој ги поврзува општина Чари со општина Центар, рече премиерот Зоран Заев на означувањето на крајот на реконструкцијата на пазарот. Тој нагласи дека е евидентно оти деловниот простор е ефективно искористен со цел задоволување на потребите на купувачите и корисниците со обезбеден квалитетен паркинг простор со 220 места. -Со новиот изглед и зголемениот капацитет, реновираниот центар Битпазар прераснува во најголемиот пазар во државата, место каде може да се најде се на едно место, рече Заев и додаде дека на пазарџиите им е јасно што значи сега да бидат во покриен простор и да не бидат изложени на временски неприлики. Посочи дека новите инвестиции од приватниот сектор како во случајот инвестицијата во „Скопски пазар“ даваат дополнително позитивна слика за деловниот амбиент во државата, а општините, како што рече, се тука во континуитет да го подобруваат работењето севкупно за нови инвестиции, вложувања во локалниот економски развој. -Нашата главна цел е зајакнување на инфраструктурата и подобрување на условите за живот како на централно така и на локално ниво, рече Заев и потсети на бројни проекти што се реализирани во изминатите четири години. Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби искажа задоволство дека со реконструкцијата на пазарот ќе се подобрат условите за работа на пазарџиите и рече дека го радува што сите присутни на настанот се дел од заедничката приказна за Скопје која што тој би ја нарекол заедништво. -Скопје денес е тоа што секогаш сме сонувале да го имаме, едно за сите, и лево, и десно, сепак цело, а не наше и ваше. Честитки и до Висар и Петре заради тоа што градат заедништво и иднина, а не минато и поделби. Денес сме сведоци на трансформација на пазар кој што долги години функционираше би рекол како импровизиран пазар, без услови и посебен паркинг. Битпазар е економскиот традиционален симбол на Скопје, кој поради неговата местоположба, споен со Старата скопска чаршија е идентично место во целата земја. Модерно, чисто и средено место за пазарување, ова е тоа што им се нуди на граѓаните, затоа што нашите граѓани тоа го заслужуваат, рече Груби. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов посочи дека инвестицијата во најголемиот и најфреквентен зелен пазар во Скопје е од огромно значење за градот, бидејќи претставува огромен чекор напред во уредувањето на просторот и овозможува подобри услови за пазарџиите и за граѓаните корисници на услугите на пазарот. -Оваа инвестиција е само едно големо поместување напред во насока на подобрување на просторните услови во овој дел од градот. Верувам дека ќе овозможат непречено одвивање на трговската дејност на сите заинтересирани субјекти и физички лица кои досега беа корисници на тезгите на овој пазар, рече Шилегов. Градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу истакна дека со 630 тезги, 175 локали и 220 паркинг места Битпазар доби нов изглед и стана мултифункционален центар. -Оваа инвестиција е крајно добредојдена за нашите граѓани, за Чаир и за бизнисите што ќе работат тука. Создадените паркинг места ќе помогнат многу во олеснувањето на сообраќајот, а инвестицијата ќе значи и економски развој, унапредување на благосостојбата, отворање работни места и подобар живот на нашата општина и на Градот Скопје, рече Ганиу и додаде дека секојдневно на зелениот пазар во Битпазар циркулираат по околу 20 илјади граѓани. Генералниот директор на Скопски пазар АД Скопје, Младен Дамев посочи дека по две годишна работа, во како што рече, исклучително тешки економски и здравствени услови, компанијата го заврши реновирањето на Битпазар, кој постои уште од средниот век. -Овој пазар е центар  на трговскиот живот во градот и главното место за снабдување со земјоделски и занаетчиски производи. Значењето на нашата инвестиција не е само во тоа што се обезбедија современи услови за функционирање на пазарот, туку што дадовме и придонес во една до најзначајните знаменитости на Град Скопје како еден од препознатливите објекти, рече Дамев. Тој нагласи дека тука на Битпазар секогаш може да се почувствува духот на градот. вј/ев/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан