• вторник, 24 декември 2024

Заврши процесот на социјалното мапирање на ранливите категории граѓани во Делчево

Заврши процесот на социјалното мапирање на ранливите категории граѓани во Делчево

Делчево, 20 февруари 2024 (МИА) - Во Делчево заврши процесот на социјално мапирање на ранливите категории граѓани со посебен фокус на потребите на лицата со попреченост, жени и девојки со попреченост. Проецесот го спроведуваше Општина Делчево во партнерство со НВО „Бравура кооператива“, а во рамки на регионалниот проект „Регионална соработка за подобра социјална инклузија на локално ниво“ имплементиран од Мрежата на асоцијации на локални власти на ЈИЕ – НАЛАС и Асоцијациите на локалните власти од Западен Балкан, а со поддршка на ГИЗ и ЗЕЛС.

-По завршениот процес на социјалното мапирање кој го почитува принципот „Не оставајте никој зад себе“, ќе се подготвува извештај кој има за цел да ги утврди потребите на одделни категории граѓани и предизвиците со кои се соочуваат, со цел да се дефинираат препораките кои ќе бидат формулирани во мерки и активности коишто ќе се преземат од страна на Општината или ќе бидат делегирани на НВО, како овластени даватели на социјални услуги, информираа од Општина Делчево.

На координативната средба која се одржа во Делчево, а на која присуствуваа преставници на клучните институции вклучени во реализација на проектот за регионална соработка за подобра социјална инклузија на локално ниво, беше разговарано и  за досегашниот тек на социјалното мапирање во Делчево и во Куманово, како и подготовката на извештајот. 

Исто така, како што појаснија, беа утврдени роковите и насоките за идното дејствување на општините со цел финализирање на активностите во насока на поддршка за проширување на услугите за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост, жените и девојки со попреченост и мигрантите (повратниците од странство). 

-Начелото „Не оставај никој зад себе“ (LNOB) е централно и трансформативно ветување на Агендата 2030 на ОН која се стреми никој да не остане изоставен во напорите за одржлив развој. Ова подразбира дека властите ќе треба да посветат посебно внимание на потребите на најзагрозените и маргинализирани групи, како и да развијат наменски интервенции за осврнување кон конкретните потреби и предизвици, беше кажано на консултативната средба.

Во рамки на оваа тема беа потенцирани обврските кои ги имаат подвлечено Економиите од регионот на Југоисточна Европа (ЈИЕ) кои се имаат обврзано да ги имплементираат Целите за одржлив развој (ЦОР) на Обединетите нации. Оттука локалните самоуправи ја имаат преземено обврската за остарување на Агендата 2030, почнувајќи од самото утврдување на целите и специфичните цели, па сè до средствата за нивно спроведување и користење индикатори за мерење и следење на напредокот. вс/мд/


Фото: МИА

Остани поврзан