• петок, 22 ноември 2024

Заврши ли Грција со неонацистите од Златна зора и идеите на радикалната десница?

Заврши ли Грција со неонацистите од Златна зора и идеите на радикалната десница?
Атина, 16 октомври 2022 (МИА) – Членовите и раководството на грчката неонацистичка партија Златна зора, за која судот пресуди дека функционирала како криминална организација, се веќе две години во затвор, меѓутоа, повторното судење, во комбинација со порастот на радикалната десница во Италија, но и провокативното однесување на осудените во судницата го поставува прашањето заврши ли Грција со неонацистите и со екстремните радикални десничари?, анализира МИА. Повторното судење, по жалбата од осудените поднесена против пресудата донесена во прв степен започна на 15 јуни годинава, а на неколку од последните рочишта присутните во судницата беа сведоци на провокативно однесување на осудените за учество во криминална организација. Дописничката на МИА од Атина, поразговара со адвокатите на оштетените во процесот против Златна зора Хриса Пападопулу и Костас Пападакис, кои коментирајќи го ваквото однесување, велат дека осудените се обидуваат целата клима во Европа, да ја искористат за нивни лични цели. -Однесувањето на осудените покажува дека не треба да бидеме толерантни и апатични за овие феномени, бидејќи многу брзо би можеле да стигнеме на нивото на Италија, коментира Пападакис. -За жал порастот на радикалната десница веќе е видлив во цела Европа. Сигурно се обидуваат да го искористат тоа, истакнува Пападопулу.                   Двајцата адвокати потенцираат дека пресудата од 7 октомври 2020 година е историска, бидејќи „за првпат беше казнето нацистичкото насилство од грчката држава“ и „става крај на многугодишната неказнивост на радикалната десница и на фашистичкото криминално насилство во Грција“, но додаваат дека сепак одлуката не е конечна со оглед на тоа дека судењето почна од почеток. -Фактот што тогаш постоеше оваа историска одлука, не е конечен. Секогаш во Апелациониот суд процесите започнуваат од почеток и тоа значи дека ќе биде погрешно да се олабавиме, да сметаме дека сè е завршено и да ја потцениме оваа битка, која не треба да ја загубиме, бидејќи целта е да се повтори пресудата, објаснува адвокатот Пападакис. Со сличен став е и адвокатката Пападопулу која вели дека борбата со нацизмот и фашизмот е континуирана, а предводник на оваа битка треба да биде општеството. -Единствено нешто за кое можеме да бидеме сигурни е дека не завршија ниту нацистичкото насилство, ниту расистичката реторика, ова е единствено сигурно. И треба секогаш да имаме на ум дека е континуирана битка во која треба општеството да биде предводник. Да, судовите и пресудите казнуваат конкретни луѓе и конкретни кривични дела, сепак  нацизмот, расизмот и фашизмот треба општеството да го засегаат на многу повисоко ниво, вели адвокатката. Поранешниот пратеник, кој издржува затворска казна поради формирање и учество во криминалната организација Златна зора, Илиас Касидиарис на едно од рочиштата, поконкретно на првото по прекинот поради летните одмори, во судницата се појави со леток од неговата партија, а групата поддржувачи го поздрави со извиците: „Илиа, запомни, со тебе сме“. -Секако дека и ова е поврзано со општата клима во Европа и обидот на Касидиарис, преку неговата партија, да го лансира моделот на сериозна Златна зора, нешто што е скандалозно, коментира Пападакис за МИА. Од друга страна, европратеникот Лагос и понатаму тврди дека е политички осуденик, додека пак неговиот адвокат Константинос Плеврис, нацистички поздрави за време на рочиштето на кое сведочеше мајката на убиениот музичар Павлос Фисас. Адвокатот Пападакис вели дека не постои никакво политичко гонење, бидејќи се гонат за нивниот криминал, а не за нивните идеи. -Не треба да има никакво олабавување, потребна е присутност во и вон судот на секое рочиште, законски и политички одговор на провокациите на нацистите и на осудените кои глумат политички затвореници. Не постои никакво политичко гонење, се гонат за нивниот криминал, а не за нивните идеи.  Тоа дали нивните идеи ги родија овие криминални дела не значи дека се гонат за идеите. Идеите беа мотивот. Криминал без нацизам постои. Нацизам без криминал не постои, истакнува адвокатот. За нацистичкиот поздрав на Константинос Плеврис, кој е еден од адвокатите на одбраната на Златна зора, грчкото Обвинителство, согласно одредбите на антирасистичкиот закон, ќе спроведе прелиминарна истрага. Плеврис е татко на актуелниот министер за здравство на Грција Танос Плеврис, кој во интервју за грчка телевизија, рече дека станува збор за брутална постапка, која лично него го згрозила поради две причини: затоа што нацистичкиот поздрав беше во судница и затоа што беше пред „мајката чиј син беше убиен од на нацист“. На ланските протести на активаксерите во Атина, доста често имаше и летоци со поддршка како на поранешниот пратеник Илиас Касидиарис, така и на европратеникот Јанис Лагос кои издржуваат затворска казна. Повторниот судски процес против Златна зора по жалбата од осудените поднесена против пресудата донесена во прв степен започна на 15 јуни. Согласно пресудите од пред две години, лидерот на Златна зора Никос Михалољакс и пет поранешни пратеници од партијата, добија 13 години затворска казна за формирање криминална организација, останатите пратеници добија од пет до седум години, а убиецот на музичарот Павлос Фисас, доби доживотна затворска казна. Адвокатите Пападопулу и Пападакис во разговор со дописничката на МИА од Арина истакнуваат дека целта е во повторното судење, казните да бидат повисоки, а во однос на времетраењето на процесот, велат дека со факот дека предметот е многу голем, со голем број се сведоци, сигурно ќе трае најмалку две години. Златна зора во периодот од 2012 до 2019 година беше дел од грчкиот Парламент. Сања Ристовска

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан