• недела, 24 ноември 2024

Заврши гласање за доверба, Борис Џонсон останува на чело на Конзервативната партија

Заврши гласање за доверба, Борис Џонсон останува на чело на Конзервативната партија
Лондон, 6 јуни 2022 (МИА) - Пратениците од британската Конзервативна партија денеска изгласаа доверба за нивниот лидер Борис Џонсон, јави Би-Би-Си. Вкупно 211 пратеници гласаа Џонсон да остане на чело на партијата. Против беа 148 пратеници. За заминувањето на Џонсон беа потребни гласовите на мнозинството пратеници од конзервативците, 180. Доколку тоа се случеше, ќе следуваа избори за ново партиско раководство, а тоа ќе значеше и смена од премиерската функција. Би-Би-Си, повикувајќи се на свои извори јави дека пред гласањето, Џонсон им се обратил на пратениците од Конзервативната партија и им ветил дека „повторно ќе ги води до победа“ и предупредил да не влегуваат во „бесмислена братоубиствена дебата“ за иднината на Конзервативната партија. Тој, исто така, ги повикал пратениците „да одбијат да ги задоволат нашите противници со тоа што самите ќе се предадат“. Висок партиски извор рече дека премиерот добил голем аплауз кога рекол дека не треба да „танцуваат како што свират медиумите“. Добивањето на денешната поддршка значи и дека тој не може да се соочи со уште едно гласање за доверба најмалку една година. Џонсон, премиер од 2019 година, е под зголемен притисок по извештаите за алкохолизирани прослави од страна на политичкиот врв во време кога остатокот од Британија беше под рестриктивни мерки, наметнати поради пандемијата на Ковид-19. Џонсон беше парично казнет поради прославата на неговиот роденден за време на пандемијата. Голем број конзервативци претходно изразија загриженост за тоа дали 57-годишниот Џонсон го загубил авторитетот за да управува со земјата, на која и се заканува рецесија, раст на цените на храната и горивото и штрајкови во Лондон. ссм/  

Остани поврзан