• понеделник, 23 декември 2024

Завршија преговорите за добивање на печатите „Safe travels, вели Бектеши

Завршија преговорите за добивање на печатите „Safe travels, вели Бектеши
Скопје, 29 март 2021 (МИА) - Министерството за економија веќе ги заврши сите преговори за добивање на печатите „Safe travels“ кои се вид потврда дека нашите туристички капацитети и државата како дестинација се безбедни за посета и престој на туристи, потврди денеска ресорниот министер Крешник Бектеши. -Веќе сме во контакт со нашите стопански комори и со Швајцарската амбасада. Предвидено е да направиме комисија која ќе утврди кои критериуми треба да се исполнат согласно тоа што го добивме од страна  на странските организации. Веќе ќе почне тоа да се прави во угостителските објекти кои се заинтересирани да обезбедат ваков печат кој е многу важен за поттикнување туристи да престојуваат во нивните угостителски објекти, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција. Тој посочи дека земјава директно не преговара со Грција за да можат нашите граѓани годинава да одат на одмор кај јужниот сосед. -Интерес на секоја држава е што повеќе туристи да има дома, а тоа е и цел на Министерството за економија. Затоа ќе продолжиме да ги спроведуваме мерките за поттикнување на странските туристи да престојуваат во земјава, но истовремено да ги поттикнеме нашите домашни туристи да ги посетат нашите туристички дестинации, рече Бектеши. Прашан дали се преговара Грците да ги признаваат нашите вакцинални документи за Ковид-19, министерот рече дека секако ќе се разговара за тоа откако во среда ќе почне масовната имунизација на граѓаните. -Секако дека ќе разговараме да ги прифатат нашите вакцинални пасоши ако треба такви пасоши да бидат доставени до грчката страна, рече Бектеши. За барањето на туристичките работници да се обезбедат бесплатни ПЦР тестови за странските туристи кои ќе дојдат да ја посетат земјава, Бектеши рече дека како институции имаме доволни капацитети да го овозможиме тоа и ја повика опозицијата да ги деблокира сите закони во Собранието поврзани со економската помош за справување со последиците од пандемијата. -Некои од решенијата, а посебно програмите кои произлегуваат од П1 мерките – Ковид програмите во склоп на Владата, треба да поминат во Собрание, а според нив ќе знаеме и како треба да ги проектираме средствата ако треба да воведеме и ПЦР тестови за странските туристи, рече Бектеши. Денеска Србија и Грција постигнаа договор српските туристи да можат годинава да ја посетуваат Грција. вј/ац/

Остани поврзан