• понеделник, 23 декември 2024

Жители на Кочани го блокираа патот кон комуналната депонија кај селото Бели

Жители на Кочани го блокираа патот кон комуналната депонија кај селото Бели

Кочани, 28 октомври 2024 (МИА) – Жители на Кочани разно изутрината излегоа на целодневен протест и го блокираа патот кон Пониква на Осоговските Планини, кој води и кон комуналната депонија во близина на селото Бели. На тој начин го изразуваат незадоволството од нерешавањето на проблемот со горењето на отпадот на депонијата, испуштањето густ чад и енормното загадување на воздухот што се чувствува и во градот.

На блокадата кај крстосницата кон селото Бели присутните рекоа дека се работи за спонтан собир на кој нема да му дозволат на ниту едно комунално возило за транспорт на отпадот, и од Кочани и од соседните општини Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево, да помине кон депонијата.

-Досега имаше многу зборување, преупредување, пишување за овој проблем без никаков ефект, а овде не се работи за иднината, туку за сегашноста на нас и нашите деца. Тоа што вчера почнаа да расчистуваат на депонијата е маскирање на целата ситуација, затоа што и досега имаше такви обиди, ама беа краткотрајни. Треба да се преиспита одлуката овде да се носи отпадот и од соседните општини, а ако веќе оваа депонија е колективна за сите, не треба да се дозволува ова што сега се случува, истакна Стојан Глувчевски, учесник на протестот.

Жителите на селото Бели бараат да се најде трајно решение со дислоцирање или целосно затворање на депонијата, за да се спречи не само загадувањето на воздухот, туку и деградирањето на лозјата и другото земјоделско земјиште во нејзината околина.

-Одговорните во општината, коишто сите ние ги плаќаме, не го решаваат проблемот со депонијата, а сега ние блокираме и нека повелат да видат. Градот и онака е солидно затрупан со ѓубре што не се чисти, па за извесен период ќе го издржиме и ова неизнесување на отпадот поради блокадата, истакна Благица Сабовљевиќ Стоименова, учесничка на протестот.

Граѓаните кои протестираат утрово имале средба и со раководните луѓе во комуналното претпријатие „Водовод“ кои ги информирале дека од вчера е ангажирана механизација која работи на затрупување на отпадот. Исто така, на влезот на депонијата е одредено 24-часовно дежурство со вработени во претпријатието кои ќе го контролираат влегувањето на неовластени лица, за да се спречи намерното потпалување на ѓубриштето. та/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан