• сабота, 21 декември 2024

Жителите на Картум бегаат по жестоките борби меѓу завојуваните страни

Жителите на Картум бегаат по жестоките борби меѓу завојуваните страни

Картум, 7 август 2023 (МИА) - Воздушни и артилериски напади го потресоа денеска суданскиот главен град Картум, каде армијата и паравоените сили кои се борат за превласт наредија евакуација на една населба.

Според жители на Картум, кои телефонски разговарале за западните медиуми од градот Вад Мадани, 200 километри јужно од главниот град, во густо населените области на престолнината се разменува тежок артилериски оган.

Во Умдурман, предградие во близина на Картум, „проектили паѓаат врз куќи“, изјави еден од жителите на главниот град.

Во блискиот кварт Абу Руф, армијата и паравоените сили наредиле евакуација на цивилите и населбата ја прогласиле за зона на операции, наведува локалниот Комитет за отпор, една од воените ќелии која организира взаемна помош меѓу граѓаните кои останале.

Во оваа населба, армијата изврши воздушни напади и го гранатираше мостот Шамбат за да го оневозможи пристапот на ривалите од Силите за брза поддршка (РСФ), кои го користат за снабдување преку Нил, изјави еден од жителите. Тој рече и дека цивилите бегаат.

-Повеќето жители на Абу Руф побегнаа поради ракетните напади, изјави друг очевидец, пренесоа француските медиуми.

Во борбите меѓу армијата предводена од генералот Абдел Фатах ал-Бурхан и паравоената група на РСФ на генералот Мохамед Хамдан Дагл, кои почнаа на 15 април, според невладината организација Аклед, загинаа повеќе од 3.900 лица, а речиси четвртина милион или се раселени или побегнале.

Според Светската здравствена организација, 80 отсто од болниците во земјава не работат, а оние кои работат често се цел на напади и грабежи. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан