• понеделник, 18 ноември 2024

Жерновски демантира дека не ги предал акредитивите во романското МНР, најави дека ќе тужи за клевета

Жерновски демантира дека не ги предал акредитивите во романското МНР, најави дека ќе тужи за клевета

Скопје, 13 ноември 2024 (МИА) - Амбасадорот во Романија Андреј Жерновски, демантира дека не ги предал акредитивите за амбасадор во Букурешт, откако вчера на прес-конференција шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, образложувајќи ја одлуката за отповикувањето на седум амбасадори, меѓудругото рече дека Жерновски „формално правно, никогаш не ни станал амбасадор во Букурешт, бидејќи нема предадено акредитивни писма“.

-Откако од медиумите дознав дека, како амбасадор, сум се тепал по официјални приеми во Романија, за што следеше приватна тужба од моја страна, вчера на истиот начин дознав нова вест- дека сум бил амбасадор „на диво“. Не знам на тие медиуми од каде им е и кој им ја кажал оваа „генијална“ теза, но знам дека со некој од нив ќе мора да се видиме на суд. Не дека го сакам тоа, но мора да се воспостави ред, бидејќи клеветењето и нанесувањето штета на нечиј личен углед и интегритет е крајно сериозна работа, колку и објавувачите или пренесувачите на вакви невистини да не ги поседуваат наведените особини, објави Жерновски на својата Фејсбук страница.

Како доказ за трагикомичните лаги, додава тој, денеска ја објавувам фотографијата од предавањето на моите акредитиви во романското МНР.

-Дополнително, онаму каде ќе биде потребно, ќе ја доставам и мојата лична карта во Романија, која се издава на дипломати, на која пишува дека сум амбасадор на Република Северна Македонија во Букурешт. Истата е издадена од Министерството за надворешни работи на Романија. Многу ми е жал што, поради внатрешните процедури во нашето МНР, разбирливо, не смеам да давам службени изјави додека трае мојот амбасадорски мандат. Се разбира, кога истиот ќе заврши, со задоволство и со страст ќе ги отвориме сите теми. До тогаш, со оние кои шират лаги и клевети, ќе се гледаме на суд.

Вчера министерот Муцунски во однос на амбасадорите Љубомир Фрчкоски во ОН, Андреј Жерновски во Букурешт и Весел Мемеди во Рим, рече дека амбасадорот Фрчкоски поднесе оставка, но тоа, додаде, не значи дека тука се завршени процесите околу внатрешна ревизија за финаниското работење, бидејќи, рече, тоа е сосема друго прашање.

-Во врска со амбасадорот Жерновски, и амбасадорот Мемеди се водат внатреши процедури во рамките на Министерството за надворешни работи, во согласно со Законот за надворешни работи и соодветно ќе бидете информирани кога ќе завршат тие процедури. Формално правно амбасадорот Мемеди е се уште амбасадор. Формално правно, амбасадорот Жерновски никогаш не ни станал амбасадор во Букурешт, бидејќи нема предадено акредитивни писма, додека Фрчкоски е амбасадор во оставка, појасни Муцунски.  нд/ац/

Фото: Фексбук Андреј Жерновски

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан