Женска медиумска мрежа „Еднаква“: Најостра осуда за неоснованите оцрнувања на новинарки од Драган Павловиќ Латас и Ивона Талевска
- СООПШТЕНИЕ-Женската медиумска мрежа „Еднаква“ ги повикува надлежните институции да обезбедат заштита на новинарките од вознемирување и закани, и ја повикува јавноста да ги отфрли дезинформациите. Нападите врз новинарките се сметаат за напад врз службено лице со последните измени на Кривичниот законик.

Скопје, 26 февруари 2025
Женската медиумска мрежа „Еднаква“ најостро ги осудува неоснованите обвинувања на Драган Павловиќ Латас изложени на социјалните мрежи против колешките Сашка Цветковска и Деница Чадиковска со цел да го наруши нивниот интегритет и да ја дискредитира нивната работа. Нападите кои се непоткрепени со факти се на штета на целата новинарска фела и состојбата на медиумите во земјата. Со ваквото малициозно таргетирање за кое не се дадени никакви докази се врши притисок врз слободното и професионално новинарство во државата. Оцрнувањето на новинарките на социјалните мрежи дополнително поттикнува омраза и закани, како и мизогени напади, а може да ја загрози и нивната безбедност, за што сведочат и бројни коментари на статусите на Драган Павловиќ Латас.
Женската медиумска мрежа „Еднаква“ ја осудува и објавата на Ивона Талевска на социјалните мрежи со која ги таргетира Сашка Цветковска и Славица Арсова.
Женската медиумска мрежа „Еднаква“ ги повикува надлежните институции да обезбедат заштита на новинарките од вознемирување и закани, и ја повикува јавноста да ги отфрли дезинформациите. Нападите врз новинарките се сметаат за напад врз службено лице со последните измени на Кривичниот законик.
Женска медиумска мрежа „Еднаква“
__________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.
Фото: МИА архива