Жена обвинета за запуштање на двете деца и семејно насилство
- Триесет и четиригодишна жителка на Гостивар со престојувалиште во Скопје е обвинета за запуштање на двете деца и семејно насилство, информираат денеска од скопското Јавно обвинителство.
Скопје, 14 јули 2023 (МИА) - Триесет и четиригодишна жителка на Гостивар со престојувалиште во Скопје е обвинета за запуштање на двете деца и семејно насилство, информираат денеска од скопското Јавно обвинителство.
По спроведена истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднел обвинителен акт против жителката на Гостивар со престојувалиште во Скопје за две кривични дела „запуштање и малтретирање на дете“ и две кривични дела „телесна повреда“.
Како што е наведено во соопштението, од април годинава, 34-годишната обвинета како родител, со грубо запоставување на својата должност за грижа и воспитување, ги запуштила и ги малтретирала своите две деца – едното родено 2017, другото 2019 година.
-На децата им ги врзувала рацете, колената и стапалата со самолеплива лента и ги оставала да седат во таква состојба на стол или на нивните креветчиња додека била во станот. Со помалото дете комуницирала манифестирајќи вербална и физичка агресивност и не покажувала грижа за подобрување на неговата состојба, иако вештачењата извршени по наредба на јавниот обвинител утврдија дека станува збор за социјално и емоционално запуштено дете со психомоторната и психоцоцијалната зрелост под неговата реална возраст, се посочува во соопштението од ЈО.
На 7 мај, при вршење семејно насилство, како што велат од Обвинителството, обвинетата телесно ги повредила своите деца.
- Додека остварувала видео повик на социјална мрежа со нејзиниот вонбрачен пратнер, видно вознемирена, започнала без никаков повод и причина да ги удира децата по нивните тела, со што им нанела телесни повреди – набиеници и подливи, се додава во соопштението.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетата. дма/аа/
Фото: МИА архива