• вторник, 17 декември 2024

Еј-Би-Си њуз ќе му плати на Трамп 15 милиони долари согласно спогодба за клевета

Еј-Би-Си њуз ќе му плати на Трамп 15 милиони долари согласно спогодба за клевета

Вашингтон, 15 декември 2024 (МИА) – Американската телевизиска мрежа Еј-Би-Си њуз (ABC News) се согласи да му плати на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп отштета од 15 милиони долари за да го реши спорот за клевета што ја изнел нејзиниот новинар Џорџ Стефанопулос.

Во интервјуто од 10 март годинава, со републиканска конгресменка која го поддржа Трамп, Стефанопулос постојано тврдеше дека Трамп е „прогласен за одговорен за силување“, што не е точно.

Поротата во граѓанската постапка минатата година утврди дека Трамп е одговорен за „сексуален напад“ според законот на државата Њујорк, но не го потврди обвинението за силување во строга правна смисла на терминот.

Според спогодбата, која прв ја објави Фокс њуз, Еј-би-си њуз, покрај отштетата, ќе објави и соопштение во кое ќе изрази жалење поради изјавите на Џорџ Стефанопулос.

Мрежата ќе донира 15 милиони долари во добротворни цели за основање претседателска фондација и музеј, како и уште еден милион долари за покривање на правните трошоци на Трамп.

На веб-страницата на Еј-би-си њуз ќе биде објавена фуснота по текстот од 10 март 2024 година, во која се вели: „Еј-би-си њуз и Џорџ Стефанопулос жалат за изјавите дадени во врска со претседателот Доналд Трамп за време на интервјуто со конгресменката Ненси Мејс во емисијата Оваа недела на 10 март 2024 година“.

Портпаролот на Еј-би-си њуз рече дека компанијата е задоволна што страните постигнале договор и го решиле спорот според условите од судскиот записник.

Остани поврзан