• среда, 27 ноември 2024

Ефективна пробациска служба предуслов за квалитетен казнено-поправен систем

Ефективна пробациска служба предуслов за квалитетен казнено-поправен систем
Скопје, 30 март 2021 (МИА) - Успешноста на еден казнено-поправен систем е правопропорционална со успешноста за ресоцијализација и рехабилитација на осудените лица, изјави денеска министерот за правда Бојан Маричиќ во обраќање на завршниот настан на твининг проектот „Јакнење на казнено-поправниот систем и пробациската служба“. Министерот Маричиќ информираше дека во моментов имаме воспоставени 11 функционални пробациски канцеларии и 34 пробациски службеници, а воведувањето на пробациската служба, според него, во голема мера ќе помогне во реинтеграцијата и рехабилитацијата на сторителите, ќе придонесе за намалување на повторното извршување на кривични дела, ќе обезбеди помош, да го засили чувството на сигурност кај жртвите на кривични дела и конечно ќе помогне да се намали затворската популација. - За периодот од 2019 до 2020 година, пробациската мерка е изречена за 441 лице, што значи дека во голема мера е зголемена довербата на судот за изрекување на алтернативните мерки. Создадени се услови за практична имплементација на општо корисната работа и спроведување на ефективен и ефикасен надзор над лицата на кои им е изречена условна осуда со заштитен надзор, како и на условно отпуштените осудени лица, изјави Маричиќ. Тој дополни дека на овие лица, им се дава шанса наместо во затвор, да останат на слобода, при што од страна на пробациската служба, во соработка со социјалните, здравствените, образовните и другите релевантни институции, се работи на отстранување на причините поради кои овие лица прават криминал и се преземаат мерки за надзор и помош за нивна успешна ресоцијализација и социјална адаптација во заедницата. Заменик шефот на Делегацијата на Европската Унија, Џулијан Васало, на настанот изјави дека со ова не само што ќе се намали затворската пренатрупаност, која е тековен проблем во земјата, туку ќе се зајакне и подобри ресоцијализацијата и ќе се намали повторништвото, што предизвикува помали трошоци и поголеми бенефити за општеството. - Ние сме тука да ја помогнеме имплементацијата на двете стратегии, но, нормално, јасно е дека тоа не е доволно за да се направи разлика на терен, потребно е континуирано и силно политичко раководство и напорна работа од сите засегнати институции. Заедно со доволно финансиски и човечки ресурси, менување на менталитет и однесувањето, и целосен респект на човековите првава, изјави Васало. Амбасадорката на Германија во земјава, Анке Холштајн, на настанот сподели дека твининг проектите се одлична алатка за да се размени искуство и да се приближиме до Европската Унија, а за проектот чиј завршен настан се одржа денеска рече дека бил успешен. - Твининг проектот трае успешно сè до денес, и финансиран е од Владата на Германија речиси од пред 30 години и покрај тоа што имам учествувано на многу вакви проекти, за земјите што се учеснички многу е клучно добро да се подготват, посочи Холштајн. Холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп изјави дека Холандија долго време учествувала и била партнер во подобрувањето на пробациските служби и ќе продолжи да го охрабрува правниот сектор и институциите. - Сето ова ја приближува Северна Македонија кон ЕУ. Ќе ве примиме како еднаков партнер, можеби има предизвици, но сигурен сум дека тие предизвици ќе бидат претворени во можности. Кога реформите ќе дадат одржливи стандарди и Европските стандарди ќе бидат имплементирани и нашите грижи околу владеењето на правото ќе исчезнат, процесот на пристапување ќе оди побрзо и поцврсто, посочи Јан Коп. Тој дополни дека РСМ не треба да ги убеди само нив, туку и нејзините граѓани, бидејќи токму ваков проект помага во враќањето на довербата. На конференцијата своите искуства ги сподели и Марјан Спасовски, директорот на Управата за извршување на санкциите при Министерството за правда, кој, меѓу другото, истакна дека од страна на експертите на проектот биле спроведени обуки за вработените во секторите за ресоцијализација и на пробациските службеници за примена на инструментот за проценка на ризиците како и транзиција од затворска средина во слободното општество. Своите искуства, исто така, ги споделија и судии и пробациски службеници чиј генерален заклучок беше дека пробациската служба со разновидноста на санкции со кои располага, и можности кои ги нуди за нивната примена, претставува дополнителен квалитет во работата на целокупниот кривично правен систем во нашата држава, меѓутоа, треба уште да се работи за целосно да се достигнат бенефитите од истата. Реализацијата на овој твининг проект започна на 31 август 2018 година и негова главна цел беше унапредување на ефективноста и ефикасноста на пенитенцијарниот систем и развој на ефективна и одржлива пробациска служба како и успешна ресоцијализација во заедницата на лицата на кои им се изречени алтернативни мерки. Твининг проектот „Зајакнување на казнено-поправниот систем и пробациската служба“ е финансиран од ЕУ, а се имплементираше во соработка со Фондацијата за меѓународна правна соработка од Германија и Центарот за меѓународна правна соработка од Холандија, а главен корисник беше Управата за извршување на санкциите при Министерството за правда. ар/сп/

Остани поврзан