• недела, 22 декември 2024

ЕУ: Најважно е да се запре брзо ширење на коронавирусот

ЕУ: Најважно е да се запре брзо ширење на коронавирусот
Брисел, 10 март 2020 (МИА) - Лидерите на земјите од Европската унија за време на видео конференцијата посветена на европскиот одговор на епидемијата на коронавирусот договорија координиран пристап со цел лимитирање на ширењето на вирусот, испорака на медицинска опрема и решавање на социјално-економските последици од епидемијата. Тие договорија секојдневни консултации меѓу министрите за здравство, односно за внатрешни работи, како и формирање инвестициски фонд во висина од 25 милијарди евра. Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, кој и ја свика оваа вонредна видео средба, соопшти дека биле утврдени четири приоритети за работа кога е во прашање одговорот на ЕУ на епидемијата на Ковид-19. - На прво место е лимитирање на ширењето на вирусот, преземање пропорционални мерки согласно научните и медицинските факти, координација во испораката на медицинска опрема со цел регуларно функционирање на внатѕрешниот пазар, како и промоција на истражувањата во областа на изработка на вакцина, дијагностика и третман на заболените од Ковид-19, прецизираше Мишел. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека она што сега е најважно е запирање на брзото ширење на вирусот. - Ширењето на вирусот ќе продолжи. најважно е тоа колку е можно повеќе да се забави, бидејќи ако има премногу заразени во кус рок, тоа ќе претставува притисок врз здравствениот систем, вели Фон дер Лајен. На средбата беше потенцирано дека веќе се вложени 120 милиони евра во областа на истражување за вакцина против коронавирусот. Што се однесува на социјално-економските последици од епидемијата, ЕУ порача дека е подготвена да се искористат сите неопходни инструменти и фондови за да им се помогне на погодените компании и работници и да се одржат позитивни економски параметри.

- Покрај државна помош и средства од Пактот за стабилност и развој, ЕУ ќе основа и Корона инвестициски фонд со обем од 25 милијарди евра за поддршка на здравствените системи, фирми, пазарот на труд и други чувствителни делови на економијата, потенцираше шефицата на ЕК.  ссм/  

Остани поврзан