ЕУ ќе ја потпише Конвенцијата на ОН за борба против кибер криминалот
- Клучен аспект на Конвенцијата е хармонизација меѓу земјите учеснички во дефинирањето на одредени постапки како кибер кривични дела, меѓу кои и онлајн измами, илегално прислушување, дистрибуција на содржини со сексуална злоупотреба на деца, самата злоупотреба на деца преку интернет, како и ширењето на интимни слики без согласност.
Брисел, 13 октомври 2025 (МИА) – Министрите за правда на земјите членки на ЕУ на денешната средба во Луксембург донесоа одлука со која се овластува Европската комисија да ја потпише Конвенција на Обединетите нации за борба против кибер криминалот.
- Онлајн измамите, хакирањето во голем обем, сексуалната злоупотреба и експлоатација на децата преку интернет, како и другите форми на кибер криминал се во пораст. Со усвојувањето на овој меѓународен правен инструмент, правиме важен чекор во нашата глобална борба против ваквиот вид на криминал, порача дански министер за правда Питер Хумелгард.
Со одлуката се повикуваат и земјите членки на ЕУ индивидуално да ја потпишат Конвенцијата со која се воспоставуваат заеднички правила на глобално ниво за подобрување на соработката во борбата против кибер криминалот и се предвидува размена на докази во електронска форма за целите на кривични истраги или постапки.
Клучен аспект на Конвенцијата е хармонизација меѓу земјите учеснички во дефинирањето на одредени постапки како кибер кривични дела, меѓу кои и онлајн измами, илегално прислушување, дистрибуција на содржини со сексуална злоупотреба на деца, самата злоупотреба на деца преку интернет, како и ширењето на интимни слики без согласност.
Овие постапки веќе имаат третман на кривични дела во ЕУ, но тоа се уште не е случај на пошироко меѓународно ниво.
Конвенцијата предвидува и меѓународна соработка во справување со сериозни кривични дела на кибер и организиран криминал, како и заштитни мерки за да се спречи нејзина злоупотреба од страна на земјите потписнички за извршување или оправдување на кршењата на човековите права и основните слободи, особено оние поврзани со слободата на изразување, совеста, мислењето, религијата или верувањето и мирното собирање и здружување.
Со документот се предвидува дека една земја потписничка може да одбие меѓународната соработка во справувањето со кибер криминалот, доколку смета дека тоа се користи за кршење на човековите права или ако барањето го оцени како политички мотивирано или како некаква форма на дискриминација.
Конвенцијата, која беше усвоена од Генералното собрание на ОН во декември 2024 година, ќе биде отворена за потпишување во периодот од 25 октомври оваа, до 31 декември следната година и ќе стапи во сила 90 дена по депонирањето на 40-от документ за ратификација, прифаќање или одобрување.
Според проценките на Европол, од 2024 година кибер криминалот бележи драматично зголемување по обем, интензитет и потенцијал за штетни последици, со што станува растечка закана за безбедноста на граѓаните и бизнисите во ЕУ. сп/јт/
Фото: МИА Архива