• недела, 22 декември 2024

ЕУ ја зајакнува Регулативата за кибер безбедност 

ЕУ ја зајакнува Регулативата за кибер безбедност 

Брисел, 6 март 2024 (МИА) - Зајакнување на солидарноста и капацитетите на ЕУ за откривање, заштита и одговор на закани и инциденти поврзани со кибер безбедноста, како и подобрување на отпорност на Унијата во интернет просторот, предвидуваат измените на Регулативата за кибер безбедност, за чија содржина претставници на Европскиот совет и Европарламентот постигнаа договор во текот на минатата ноќ. 

Според белгискиот државен секретар за дигитализација, административни реформи и заштита на приватноста Матје Мишел, договорот претставува нова пресвртница за кибер отпорноста на Европа.  

- Овие правила ќе ги зајакнат капацитетите на ЕУ и на земјите членки да се подготват, спречат, реагираат и закрепнуваат од големи кибер закани или инциденти, нагласи Мишел. 

Тој додаде дека со измените на Регулативата ќе се создадат можности за сертификација на службите кои ќе треба да овозможат високо заедничко ниво на кибер безбедност во ЕУ, со тоа што ќе се олесни на нивното прекугранично функционирање за заштита на европските граѓани и бизниси. 

Главни цели на измените на Регулативата, како што јави дописникот на МИА од Брисел, се обезбедување поддршка за откривање и свесност за кибер заканите  и инциденти, зајакнување на отпорноста и заштита на критичните институции и основни услуги, како што се болниците и јавните комунални претпријатија, зголемување на солидарноста на ниво на ЕУ во одговорот на кибер кризи во земјите членки и гарантирање безбедно дигитално опкружување за граѓаните и бизнисите. 

За брзо и ефикасно откривање на големите дигитални закани се предвидува воспоставување „систем за предупредување за кибер безбедност“, како паневропска инфраструктура составена од национални и прекугранични центри низ ЕУ, кои ќе бидат задолжени за споделување информации и откривање и спротивставување на онлајн заканите.  

Исто така, со измените се предвидува создавање Механизам за реакција на итни случаи поврзани со кибер безбедноста, кој треба да ги зголеми подготвеноста и капацитетите на ЕУ за одговор на онлајн инциденти. 

Со законските измени се воспоставува и Механизам за евалуација, кој ќе треба да ја проценува ефекасноста на активностите за кибер безбедност, како и придонесот на Регулативата за зајакнување на конкурентската позиција на индустрискиот и услужниот сектор на ЕУ. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан