• вторник, 19 ноември 2024

ЕУ: Прашањето поврзано со Русковска и Муареми треба да го решат надлежните органи

ЕУ: Прашањето поврзано со Русковска и Муареми треба да го решат надлежните органи
Скопје, 5 август 2022 (МИА) - Европската Унија внимателно ги следи сите случувања поврзани со меѓусебните неодамнешни јавни размени на обвинувања меѓу шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска и директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми и смета дека - тоа прашање треба да го решат надлежните органи, се вели во одговорот до МИА од Делегацијата на ЕУ во Скопје во врска со повикот на јавната обвинителка Русковска упатен до надлежните државни институции и странски амбасади и меѓународни организации. - Спроведувањето на владеењето на правото е еден од највисоките приоритети за Европската Унија. Тоа е суштински дел од претстојниот преговарачки кластер за Фундаменталните вредности, кој прв ќе биде отворен во пристапните преговори со ЕУ, наведуваат од Делегацијата на Унијата. Во одговорот се посочува дека постоечките закони на земјата ги пропишуваат соодветните надлежности на националните власти и начините на нивната меѓусебна соработка, кои треба да се почитуваат. - Ова прашање треба да го решат надлежните органи, се додава во одговорот. Шефицата на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска ги повикува сите надлежни институции во државата, меѓутоа и сите меѓународни институции и амбасади, пред се Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ, „еднаш засекогаш да се проверат сите факти и се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот“. Во писмената реакција по завчерашниот брифинг на директорот на Управата на финансиската полиција, Арафат Муареми, на кој тој најави дека ќе поднесе кривична пријава против неа и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, Русковска нагласи дека е згрозувачки притисокот врз обвинители на ОЈО ГОКК од страна на именувано лице од Владата, како и мешањето во предмет на Обвинителството, што е стриктно забрането согласно Законот за јавно обвинителство. - Македонија ниту е диктатура, ниту е монархија. Во Македонија не смее да владее волјата на некои сегашни или пак поранешни владини функционери за да обвинители замижуваат пред било кој криминал, па тој и да е и во највисоките ешалони на власта, нагласува Русковска во реакцијата. Во одговор на повикот на Русковска вчера Амбасадата на САД оцени дека станува збор за тековен процес и е прашање што треба да го решат надлежните органи во државата. - Амбасадата на САД е вложена во унапредување на владеењето на правото во Северна Македонија и ги поддржува напорите на властите и на правосудството за обезбедување на транспарентност и отчетност кај институциите и внатре во нив, се наведува во одговорот на Американската амбасада во земјава доставен до телевизија Телма во врска со повикот на Русковска. сп/нд/

Остани поврзан