• понеделник, 06 април 2026

ЕУ почнува преговори за укинување на роаминг-трошоците за Западен Балкан

ЕУ почнува преговори за укинување на роаминг-трошоците за Западен Балкан

Брисел, 6 април 2026 (МИА) - Генералниот секретаријат на Советот на Европската Унија за утре во Брисел закажа состанок на работната група за проширување и земји што преговараат за пристапување во ЕУ, каде што ќе се дискутира за предлогот на Европската комисија за укинување на дополнителните трошоци за роаминг за Западен Балкан, односно проширување на режимот „Роаминг како дома“ (Roam Like at Home).

По успешното завршување на преговорите, граѓаните од земјите од Западен Балкан ќе може да се јавуваат, да испраќаат СМС-пораки и да користат мобилни податоци во Европа по иста цена како дома, а граѓаните на ЕУ ќе имаат исти бенефиции кога патуваат во Западен Балкан.

Предлогот не значи автоматско вклучување на Западен Балкан во програмата „Роаминг како дома“, туку ЕУ ќе склучи билатерален договор со секој партнер во Западен Балкан и дека од нив се очекува да ги почитуваат стандардите на политиката за роаминг на ЕУ.

Спогодбата исто така гарантира дека потрошувачите имаат право на ист квалитет и брзина на мобилни мрежи како дома и бесплатно да контактираат со службите за итни случаи.

Погодностите на мобилната комуникација во ЕУ во јули 2025 година беа проширени на Молдавија и Украина.

Програмата „Роаминг како дома“ ЕУ за своите земји членки ја воведе во јуни 2017 година. ми/ссм/

фото: МИА архива

Остани поврзан