ЕУ постигна договор за даночна транспарентност за мултинационалните компании
- Европската комисија и Парламентот постигнаа договор за правилата што ќе ги принудат големите мултинационални компании да откријат колку заработуваат и колку данок плаќаат во ЕУ, а колку во з
Брисел, 2 јуни 2021 (МИА) - Европската комисија и Парламентот постигнаа договор за правилата што ќе ги принудат големите мултинационални компании да откријат колку заработуваат и колку данок плаќаат во ЕУ, а колку во земјите што ЕУ ги смета за даночни засолништа.
Законот, предложен од Европската комисија уште во 2016 година, е дел од напорите на ЕУ да избегне затајување данок од страна на големите меѓународни компании во време кога на Унијата и требаат пари за финансирање на економското закрепнување по пандемијата на Ковид-19.
Според законот, мултинационалните корпорации со годишен промет од над 750 милиони евра за две години по ред ќе треба да ги пријавуваат профитите, даноците и бројот на вработени во земјите на ЕУ и во земјите од европската листа на „некооперативни јурисдикции“.
Сепак, податоците за платените даноци во земјите што не се членки на ЕУ, а кои не се на црната листа на даночни раеви, ќе бидат дадени само во збирна форма, бидејќи владите на членките на ЕУ не сакаа да се согласат на подетално разградување по држави. Добротворната организација „Оксфам“ критикуваше дека многу од светските даночни раеви не се на списокот на Унијата на „некооперативни јурисдикции“ и затоа ќе избегнат надзор.
„Пратениците на ЕУ им дадоа на мултинационалните корпорации многу можности да продолжат да затајуваат данок и тајно да ги пренасочуваат своите профити кон даночните раеви надвор од ЕУ, како што се Бермуди, Кајманските острови и Швајцарија“, рече експертот за даноци на Оксфам, Киара Путатуро.
Исто така, проценува дека договорот им нуди на компаниите ослободување од пријавување на комерцијално чувствителни информации за пет години, така што тие можат да избегнат откривање на податоци и истакна дека барањето за големиот промет ќе исклучи до 90 проценти од мултинационалните компании.
Но, некои членови на Европскиот парламент кои преговараа за договорот изјавија дека тој, сепак, ќе помогне даночниот систем да биде поправеден.
„Овие мерки за даночна транспарентност ќе им помогнат на мултинационалните компании да го плаќаат својот удел праведно и може да донесат одредена правичност во нивниот бизнис“, рече европратеникот од редовите на Зелените, Ернест Уртасун, од парламентарната Комисија за економски и монетарни работи.
Текстот на договорот сега мора да биде формално усвоен од двата комитета на Европскиот парламент и пред пленарната седница на парламентот и од Европскиот совет. паг/