• понеделник, 23 декември 2024

ЕУ планира да ја намали употребата на пестициди за 50 отсто

ЕУ планира да ја намали употребата на пестициди за 50 отсто
Брисел, 6 јули 2020 (МИА) – Европската Унија планира со нова стратегија да ја намали употребата на пестициди за 50 отсто, а европскиот комесар за земјоделство, Јануш Војчеховски истакна дека увозот на производи третирани со пестициди, што се забранети во Европа, не треба да биде дозволен. Земјоделците од државите членки на ЕУ се соочуваат со потешкотии да најдат активни супстанции и производи за заштита на растенијата и увезуваат производи од други земји, што се третирани со исти хемикалии, но се забранети во ЕУ. Пристапот на ЕУ кон стандардите за храна и заштита на животната средина придонесе земјоделството да претставува пречка во трговските договори, најмногу со САД. Војчеховски истакна дека може да се појават потешкотии во земјоделската област, поради потребата да се почитуваат правилата на Светската трговска организација, но дека увозот треба да биде подложен на истите стандарди што ги применува Европа. Податоците од минатата година покажуваат дека, една четвртина од пестицидите и сродните производи што се користат во САД се забранети во ЕУ, односно околу 400 милиони тони колку што САД користи годишно, нешто повеќе од сто тони не се дозволени во ЕУ. Европските земјоделци, активистите за животната средина и дел од политичарите, долго време ја критикуваат ЕУ поради недоследност во примена на истите правила за увоз на прехранбени производи, како што се генетски модифицираните производи (ГМО). ки/

Тагови

Остани поврзан