• сабота, 23 ноември 2024

ЕУ најави финансиска поддршка од 175 милиони евра за намалување на емисиите на метан  

ЕУ најави финансиска поддршка од 175 милиони евра за намалување на емисиите на метан  

Брисел, 4 декември 2023 (МИА) - Европската унија ќе издвои 175 милиони евра како финансиска поддршка за земјите со ниски и средни приходи за спроведување на активности за намалување на емисиите на гас, најави претседателката на Европската комисија, Усрула фон дер Лајен. 

- Намалувањето на емисиите на метан е клучно за исполнување на нашата посветеност за ограничување на растот на глобалната температура на 1,5 степени согласно Договорот од Париз, изјави Фон дер Лајен на Самитот за климата – КОП28 во Дубаи, каде го претстави првиот закон на ЕУ за ограничување на емисиите на метан во енергетскиот сектор. 

Таа потенцира дека постојат инструменти со кои светот може да се справи со непотребното ослободување на метан и за искористување на обновливите ресурси за спроведување на фер енергетска транзиција. 

Фон дер Лајен потенцира дека планираните 175 милиони евра ќе бидат наменети за спроведување на напорите на владите и индустриите за намалување на емисиите на метан во енергетскиот сектор. 

Таа најави дека до следниот климатски – КОП29, Европската комисијата ќе подготви патокази за воведување на шемата „Ти собираш, ние купуваме“ на глобално ниво, со кој ќе се поттикнат компаниите да ги комерцијализираат количествата на гас кој би се ослободиле преку вентилација или согорување, со што ќе се придонесе за зајакнување на климатската акција и енергетската безбедност.  

Според Европската комисија, како што јави дописникот на МИА од Брисел, метанот, азотниот оксид, флуоројаглеводородите и тропосферскиот озон претставуваат над половина од причинителите на глобалното затоплување денес. Согласно Глобалната обврска за метанот, иницирана од ЕУ и САД, повеќе од 150 земји во светот се посветени на остварување на заедничката цел за намалување на глобалните емисии на метан до 2030 година за најмалку 30 отсто споредено со нивото во 2020 година.  

- Спроведувањето на оваа глобална иницијатива ќе помогне да се оствари целта на Парискиот договор за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови, посочува Еврокомисијата. 

Глобалната обврска за метанот беше иницирана од Фон дер Лајен и американскиот претседател Џо Бајден на климатскиот самит КОП26 во 2021 година и досега на неа се потпишаа на 150 држави кои се обврзаа на глобално намалување на емисиите на метан за најмалку 30 отсто до 2030 година, фокусирајќи се на секторите енергија, земјоделство и отпад. Со оваа иницијатива копретседаваат ЕУ и САД, а на нејзината имплементација работат Коалицијата за климата и чист воздух (ЦЦАЦ) и Меѓународната опсерваторија за емисии на метан (ИМЕО). 

Според податоците на ИМЕО, „глобални шампиони“ во намалувањето на емисиите на метан во 2022 година се Канада, Микронезија, Германија, Јапонија и Нигерија. сп/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан