• недела, 22 декември 2024

ЕУ лани одвоила речиси 29 милијарди евра за заштита на животната средина во земјите во развој 

ЕУ лани одвоила речиси 29 милијарди евра за заштита на животната средина во земјите во развој 

Брисел, 5 ноември 2024 (МИА) - За поддршка на земјите во развој во нивните напори за намалување на емисиите на стакленички гасови и за прилагодување на последиците од климатските промени, Европската Унија и нејзините земји членки во 2023 година издвоиле 28,6 милијарди евра од своите буџети и мобилизирале дополнителни 7,2 милијарди евра од приватни финансии.  

Ова се наведува во извештајот на Европската комисија за придонесот на ЕУ во глобалните напори за заштита на животната средина, објавен денеска во рамки на подготовките за Конференцијата на ОН за климатски промени (КOП29), што ќе се одржи од 11 до 22 ноември во азербејџанскиот главен град Баку. 

Според податоците на ЕК, речиси половина од буџетските средства одвоени за земјите во развој биле насочени кон мерки за адаптација на климатските промени, како и за иницијативи за нивно ублажување. Речиси 50 проценти од овие средства биле доделени во форма на грантови. 

Целта на ваквите мерки на ЕУ е да им помогне на земјите во развој да го имплементираат Парискиот договор за климатски промени од 2015 година.

- Бројките за 2023 година се потврда за решителните напори на ЕУ и нејзините земји членки за исполнување на нивните меѓународни обврски за финансирање на климатските акции, како и за остварување на колективната цел на развиените земји за мобилизирање на 100 милијарди американски долари годишно до 2025 година, посочува ЕК. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан