• понеделник, 23 декември 2024

ЕУ значи работа за заеднички интерес и иднина, усогласување на регионот со дигиталната и зелена евроагенда

ЕУ значи работа за заеднички интерес и иднина, усогласување на регионот со дигиталната и зелена евроагенда
Скопје, 10 март 2020 (МИА) - Да се биде дел од Европската Унија значи да се работи за заедничкиот интерес и за иднината, а не да се размислува само за националните интереси. Неопходно е продлабочување на економската соработка во регионот за поттикнување на економски раст и усогласување на регионот со дигиталната и зелена агенда на ЕУ. Особено за исполнување на обврските од новиот Европски зелен договор. Ова се пораките од панелот: Поврзаност, економска конвергенција, животна средина, на Тинк Тенк форумот на Западен Балкан 2020 во рамки на Берлинскиот процес. Според министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, проблемот на Балканот е што премногу се фокусираме само на минатото и дека мора да размислуваме и за иднината и за тоа како да ја изградиме заедно. - Да се биде дел од Европската Унија значи да се работи за заедничкиот интерес и за иднината, а не да се размислува само за националните интереси, рече Захариева. Изрази надеж дека Северна Македонија и Албанија ќе добијат зелено светло за членство во ЕУ, посочувајќи дека очекувала тоа да се случи и за време на бугарското претседателство. - Очекував тоа да се случи и за време на нашето претседателство. Да, се надевам дека во март ќе имаме позитивна одлука за двете држави. Навистина е важно за двете земји, но и за стабилноста на регионот и за довербата во ЕУ. Се надевам дека во март ќе има зелено светло за двете земји, изјави Захариева. За земјите, посочи таа, е подеднакво важно да бидат и соодветно подготвени за да може нивните економии да го издржат притисокот. - Јас сум голем поддржувач на проширувањето и се сеќавам кога Бугарија не беше земја членка. Знам колку подобро место е со членството во ЕУ. Верувам дека започнувањето на преговорите е кога навистина почнува напорната работа. Бев дел од тимот на Бугарија што работеше на поглавјето за животна средина и знам колку напорно, скапо и важно прашање тоа. Тука сме да помогнеме и дадеме поддршка на земјите, но и тие исто така мора да испорачаат, изјави Захариева. Не сакам, рече Захариева, Балканот да биде во фокусот на ЕУ само кога има криза. - Балканот не е во дворот на ЕУ, туку во домот на ЕУ и навистина верувам дека ЕК треба да развие начин на комуникација и консултирање со луѓето и политичките лидери од Балканот за задничката иднина и сите прашања, а не само во време на криза, изјави Захариева. Според Томас Хаглетинер од делегацијата на Европската комисија во Црна Гора, ЕУ мора да се врати на еден прагматичен пристап и изнаоѓање на заедничко решение за проблемите и приближување на економиите, земјите и луѓето. - Ова е дел од новата методологија на процесот на проширување. Сите сме посветени и работиме на европската перспектива на регионот, но во меѓувреме треба да најдеме и прагматичен начин на кој може да ги приближиме земјите од регионот. Сите земји се посветени на усогласување на европското законодавство и тоа е голем потенцијал што може да се искористи. Регионот е насочен кон градење на регионална економската соработка и овие елементи што може да се искористат за искористување на економскиот потенцијал на регионот. Има голем напредок во регионот во изминатите години, но ќе биде неопходно многу повеќе за да се достигне потребното ЕУ нивото. Неопходно е продлабочување на економската соработка во регионот за поттикнување на економски раст и усогласување на регионот со дигиталната и зелена агенда на ЕУ. Особено за исполнување на обврските од новиот Европски зелен договор, рече Хаглетинер. Во однос на отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија, посочи дека ЕК работи на тоа уште од октомври и дека е важно тоа што проширувањето е вратено на агендата на ЕУ наспроти сите големи кризи со кои се соочува. - ЕК веќе го повтори ставот дека двете земји се подготвени. Сега е на земјите да донесат политичка одлуката. Оптимисти сме дека ќе дадат зелено светло за двете земји, рече Хаглетинер. Според министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, имаме 18 милиони луѓе во шест држави и не се работи за проширување, колку што се работи за завршување на процесот. аа/сп/

Остани поврзан