• понеделник, 23 декември 2024

ЕУ го осуди политичкото насилство во Бразил

ЕУ го осуди политичкото насилство во Бразил

Брисел, 11 јануари 2023 (МИА) – Високиот претставник за надворешна политика Жозеп Борел во име на Европската унија ги осуди „шокантните акти на политичко насилство и неприфатливиот напад врз демократијата“ во Бразил и изрази солидарност со бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва и бразилските институции во одбрана на демократијата.

Тој ги поздрави напорите да се истражат одговорните за нападите врз бразилската демократија и за вандалските дејствија врз јавниот имот и историското национално наследство.

ЕУ во соопштение потсетува дека остварувањето на демократските права и слободи мора да се одвива со почитување на Уставот и на демократски избраните институции.

– Политичките разлики не можат да оправдаат кривични дела или да ги доведат во прашање резултатите од демократските избори. ЕУ ја повторува својата доверба во бразилската демократија и силата на нејзините институции. Нашето верување е дека ќе го надминат насилството и екстремизмот, се вели во соопштението.

ЕУ наведува дека ќе работи со новоформираната бразилска Влада за зајакнување на „заемно корисното стратешко партнерство“ и се радува на продлабочување на односите со Бразил во одбраната и промовирањето на демократијата, владеењето на правото и човековите права.

-Исто така, со нетрпение очекуваме да ја унапредиме нашата заедничка работа во корист на инклузивен, фер и одржлив развој, како и во други области од заемен интерес. Во остварувањето на овие цели, ЕУ е подготвена да го зајакне својот ангажман со бразилските власти и дополнително да ја поддржи улогата на граѓанското општество, соопшти Службата за надворешни работи на ЕУ. рп/

Остани поврзан