• понеделник, 23 декември 2024

ЕСЧП утврди дека Миле Јанакиески неправедно бил држен во притвор

ЕСЧП утврди дека Миле Јанакиески неправедно бил држен во притвор

Скопје, 14 ноември 2023 (МИА) - Европскиот суд за човекови права и слободи денеска ја објави пресудата во случајот на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески против Северна Македонија, во однос на изречените мерки притвор за судските предмети за „27 април“ и за „Шпански скали“, во која стои дека му биле прекршени правата од членот 5 на Европската конвенција за човекови права.

- Случајот се однесува на два сета на кривични постапки против господинот Јанакиески, првиот за терористичко загрозување на уставниот поредок, и вториот за злоупотреба на службената положба, за време на кои му биле нарушена слободата со одлуки на домашните судови. Потпирајќи се на Членот 5 (право на слобода и безбедност) од Конвенцијата, господинот Јанакиески поднесе жалба за наводни незаконитост и произволност, недостиг на релевантни и доволни причини и недостиг на брзо право на жалба на неговото лишување од слобода, се вели во соопштението од Судот во Стразбур.

ЕСЧП утврдува повреда на член 5 став 3 поради недостиг на доволно причини за лишување на жалителот од слободата и повреда на член 5 став 4 поради недостиг на „брзо“ прегледување на лишувањето на жалителот од слободата.

Според пресудата, државата ќе треба да му плати вкупна отштета од 6.100 евра на Јанакиески, од кои 3.900 евра за нематеријална штета и 2.200 евра за трошоци.

Пред Европскиот суд за човекови права, Миле Јанакиески е застапуван од адвокатот Влатко Илиевски.

За пресудата се огласи поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, која од 1 ноември е на условен отпуст, откако Апелација и ја уважи жалбата. 

-На денешен ден на Миле Јанакиески за прв пат му беше определен притвор. Токму денеска, после цели пет години Европскиот суд за човекови права објави одлука со која утврдил дека постои повреда на правото на слобода на Миле Јанакиески затоа што не постоеле доволни причини за неговото лишување од слобода. Оваа одлука значи морална сатисфакција за Миле, но ништо не може да го надомести неповратно изгубеното време, напиша Јанкуловска на Фејсбук. аа/ац/

Фото: МИА архива/ЕСЧПпринтскрин

Остани поврзан