• понеделник, 23 декември 2024

Ескобар: Србија не глуми кога вели дека сака подобри односи со Хрватска

Ескобар: Србија не глуми кога вели дека сака подобри односи со Хрватска

Загреб, 23. јануари 2023 (МИА) - Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар денеска во Загреб изјави дека Србија не се преправа дека сака да ги подобри односите со Загреб.

Во разговор со новинарите во Загреб, Ескобар оцени дека неодамна покренатата иницијатива на Белград за „одмрзнување“ на односите со Загреб е „реална“ и дека Србија „сака и мора да ги подобри односите со еден од своите најпросперитетни соседи“, пренесе Хина.

Американскиот функционер рече дека зад ова стои потребата Белград да сфати дека „Русија не е доверлив партнер“ како што се смета во Србија и дека рускиот претседател Владимир Путин „никогаш повеќе нема да биде веродостоен соговорник“.

-Тие треба да почнат да ја преиспитуваат својата меѓународна позиција и мислам дека дел од тоа е подобрување на односите со соседите, посочи Ескобар.

Тој смета дека Србија мора да се приклучи на западните санкции против Русија бидејќи тоа е законска обврска за неа на нејзиниот пат кон ЕУ, а додека тоа не се случи, САД ќе продолжат да работат за Србија да ги „разбере последиците од малигното руско влијание во Балканот“.

Исто така, Ескобар оцени дека хрватскиот претседател Зоран Милановиќ греши кога вели дека САД индиректно војуваат со Русија преку Украина.

Милановиќ неколку пати изјави дека САД водат „прокси“ војна против Русија преку Украина, дека важи и обратното и дека војната во Украина затоа ќе се реши меѓу Вашингтон и Москва.

-Во овој поглед, Милановиќ греши, ова не е прокси војна, ова е обид да и се помогне на жртвата на неиспровоцирана агресија за да се одбрани, изјави денеска Ескобар во Загреб.

- Во овој поглед, она што го прави Хрватска е поважно од она што го велат нејзините политичари. Во сите аспекти, Хрватска е на вистинската страна во секоја одлука, во секоја декларација, во нејзините постапки, истакна американскиот политичар. ссм/

 

Остани поврзан