• понеделник, 23 декември 2024

Ескобар: Србите мора да се вратат во косовските институции, а Приштина мора да формира ЗСО

Ескобар: Србите мора да се вратат во косовските институции, а Приштина мора да формира ЗСО

Белград, 7 јуни 2023 (МИА) - Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар денеска во Белград изјави дека најголемиот предизвик за Србија е да ги убеди косовските Срби да се вратат во институциите и дека косовските Срби треба да учествуваат на локалните избори на северот на Косово без предуслови, јави дописникот на МИА од Белград.

-Мораме да се погрижиме оние кои ќе учествуваат на изборите и кои ќе се вратат во институциите да бидат добредојдени, рече Ескобар во разговор со група новинари во Белград.

Ескобар, кој заедно со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, претходните два дена разговараше со претставниците во Приштина и Белград, рече дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ветил дека ќе влијае на косовските Срби да излезат и да учеството на новите избори за четири општини на север од Косово.

-Се надеваме дека (албанските) градоначалници нема да ги користат општинските згради, дека косовската полиција ќе се повлече и дека демонстрантите ќе ја напуштат областа, рече Ескобар.

На прашањето какви ќе бидат последиците за Приштина доколку не го прифати европскиот предлог за решение на кризата на северот на Косово, Ескобар рече дека неприфаќањето би значело „вртење на грб на Европа“.

-Ако не прифатат, тоа значи дека го напуштаат евроатлантското партнерство, рече тој.

Ескобар рече дека формирањето на Заедницата на српските општини е правно обврзувачко за Владата на Косово и дека таа мора да се формира - со оваа или со која било идна влада.

-Тоа е во Бриселскиот договор, во Охридскиот договор, тоа не е договор меѓу Курти и Србија, туку на Косово и Србија. Ако Косово сака да напредува во евроинтеграциите, мора да формира ЗСО, прашање е дали тоа ќе се случи со оваа влада или со идна влада, рече Ескобар. об/сд/

Остани поврзан