Ескобар: Одлуката на Стејт департментот за Мерко ќе и помогне на Владата да продолжи со борбата против корупцијата
- Ваквата изјава Ескобар ја даде вчера за Програмата на Гласот на Америка на албански јазик во заедничко гостување координаторот за антикорупција во Стејт департментот, Ричард Нефју, кој нагласи дека одлуката е донесена затоа што „државниот секретар на САД имал веродостојни информации кои сугерираат дека Мерко бил вмешан во голема корупција“. - Според законите, кога државниот секретар ќе дојде до таков заклучок, таквата определба е правно обврзувачка, како што се случи денеска, изјави Нефју.
Скопје, 21 јули 2023 (МИА) - Се надевам дека одлуката на американскиот Стејт департмент за ставање на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на „црната листа“ на САД поради „значителна корупција“, ќе и помогне на Владата на Северна Македонија да продолжи со напорите за борба против корупцијата, изјави американскиот заменик-помошник државен секретар за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
Ваквата изјава Ескобар ја даде вчера за Програмата на Гласот на Америка на албански јазик во заедничко гостување координаторот за антикорупција во Стејт департментот, Ричард Нефју, кој нагласи дека одлуката е донесена затоа што „државниот секретар на САД имал веродостојни информации кои сугерираат дека Мерко бил вмешан во голема корупција“.
- Според законите, кога државниот секретар ќе дојде до таков заклучок, таквата определба е правно обврзувачка, како што се случи денеска, изјави Нефју.
Според него, ако државниот секретарот има веродостојни информации што укажуваат на вмешаност во значителна корупција тогаш треба да воведе визни ограничувања и затоа што законот „бара да се дејствува кога тие информации се достапни“.
Нефју нагласи дека засега не може да сподели конкретни докази за тоа зошто градоначалникот на Струга е ставен на американската „црна листа“, но потенцира дека според објавените информации се работи за „злоупотреба на средства и мешање во судските постапки“.
- Со оглед на природата на одлуките и нивната правна основа, тоа се информациите што можеме да ги објавиме во јавноста за овој случај, изјави Нефју.
Тој истакна дека ваквите одлуки имаат цел да ја покажат поддршката на САД за владеењето на правото и напорите за борба против корупцијата низ целиот свет.
- Секогаш кога зборувате за нешто што вклучува визни ограничувања или санкции, секогаш ќе има прашања за нивната ефикасност. Мислам дека во голема мера, сепак, успеавме да покажеме значајни резултати во однос на помагањето на актерите на граѓанското општество и другите институции дека тие не се сами и дека кога се соочуваат со корумпирани актери, имаат поддршка и имаат поддршка од меѓународната заедница, рече Нефју.
Координаторот за антикорупција во Стејт департментот додаде дека САД не прават разлика дали санкциите се однесуваат на поранешен или актуелен функционер.
- Повторно, дел од причината зошто ги правиме овие работи е да ги поддржиме актерите од граѓанското општество и оние кои се обидуваат да бараат одговорност од корумпираните актери, рече тој.
Стејт департментот вчера го прогласи градоначалникот на Струга Рамиз Мерко за „персона нон грата“ за влез во САД, поради, како што беше наведено во соопштението, негова вмешаност во значителна корупција.
- За време на неговиот градоначалнички мандат, Мерко злоупотребил фондови и се мешал во правосудните и другите јавни процеси, на тој начин нанесувајќи штета на довербата на јавноста во демократските институции и претставници. Денешната акција испраќа порака дека САД стојат заедно со Северна Македонија за зајакнување на стабилноста преку зацврстување на демократските институции и решавање на слабостите во владеењето на правото, се наведува во писмената изјава на портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.
Во соопштението се наведува дека оваа одлука ја „реафирмира посветеноста на САД во борбата против корупцијата, којашто наштетува на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ“.
Во одлуката на Стејт департментот се посочува дека забраната за влез во САД се однесува и на сопругата и трите полнолетни деца на Мерко.
По објавувањето на соопштението на Стејт департментот, американската амбасадорка Анџела Агелер во објава на Фејсбук наведе дека „народот на Северна Македонија заслужува интегритет од своите јавни функционери и систем којшто ќе ги смета за одговорни“.
- САД ќе продолжи да повикуваат секого - без разлика на позицијата или политичката партија - којшто ќе го поткопува владеењето на правото, загрозувајќи го напредокот и стабилност на Северна Македонија, се наведува во објавата на Агелер на Фејсбук страницата на Амбасадата на САД.
Во интервју за МИА минатиот месец Агелер изјави дека не е тајна оти на корупцијата и криминалот гледа како на главен предизвик со кој моментално се соочува државата.
- Оваа земја има направено многу важни и многу тешки жртви и покажа дека може да работи на вистински проблеми кога тоа ќе се побара од неа. Верувам дека постојат добри луѓе во оваа земја на кои им е преку глава од корупција. Мислам дека сите граѓани се уморни од тоа. Не сум сретнала ниту еден Македонец, кој е помирен со корупцијата. Јас се надевам дека луѓето ќе речат „доста“ и дека ќе побараат од нивните институции да се справат со овие прашања на отворен и транспарентен начин и дека ќе бараат одговорност од лидерите, бизнисмените и другите во општеството доколку не ги следат правилата, рече Агелер во интервјуто за МИА.
На одлуката на Стејт департментот, синоќа реагираа од Алијансата за Албанците и од Беса, кои го поздравија прогласувањето на Рамиз Мерко за нон грата од страна на САД.
- Оваа денешна одлука е сигнал кој има потенцијал да ја врати надежта во Северна Македонија. Од денес САД докажаа дека никој не е недопирлив. И честитаме на амбасадорката Агелер за нејзината доследност и предупредувањето дека ќе има други определби во текот на оваа година. Корупцијата мора да има последици, но определбите нон грата не се доволни. Рамиз Мерко веднаш да поднесе оставка, а ДУИ да се огради од својот член на Претседателството. Обвинителството за корупција треба да отворат случај против Мерко за да обезбедат целосна одговорност за наводите на американскиот Стејт департмент и за да ја спроведат правдата, посочија од Алијансата за Албанците.
Беса, од своја страна, изрази уверување дека ваквата одлука е само почеток на демаскирање на корупцијата и инкриминираните функционери.
Очекуваме дека оваа листа во наредните денови ќе се пополни со функционери кои злоупотребиле и злоупотребуваат локални и странски фондови во име на „инвестиции“. Функционери инволвирани во криминал и корупција и функционери кои освен уцени, проневери и злоупотреби не прават ништо друго, а како резултат на тоа го имаме секојдневното бегство на населението не од оваа држава, туку од оваа корумпирана и инкриминирана Влада, се наведува во соопштението на движењето Беса, кое побара итна остава од Мерко.
За ВМРО-ДПМНЕ, пак најновото соопштение на Стејт Департментот го потврдили тоа што партијата подолг период наназад го зборува, „дека ДУИ е криминализирана структура“.
-Ставањето на Рамиз Мерко од ДУИ на црната листа на САД, е институционална потврда на сите сомнежи и афери кои ги вадеше ВМРО-ДПМНЕ за кадрите на ДУИ, изјави денеска пратеникот од опозициската партија, Мирче Аџиоски.
Од партијата на Мерко, ДУИ посочија дека се „шокирани од одлуката на Стејт департментот, но ќе ја почитуваат и ќе ја анализираат во наредните денови“. Извори од ДУИ посочија дека во наредните денови се очекува средба на претседателот на партијата Али Ахмети со претставници на Американската амбасада, по што ќе одлучи дали ќе побара оставка од Мерко.
Министерот за образование и наука и висок функционер на ДУИ, Јетон Шаќири денеска изјави дека неговата партија секогаш била за ветинг на сите функционери.
- ДУИ како политичка партија секогаш била за ветинг и ДУИ го бара ветингот за сите функционери кои доаѓаат од централно и локално ниво, рече Шаќири.
Минатата година САД на својата „црна листа“ ги ставија и поранешниот премиер Никола Груевски и екс-директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков заради нивна вмешаност во „значителна корупција“. - Нивните постапки ги поткопаа владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси во двете земји и ја намалија вербата на јавноста во нивните влади, беше наведено во тогашната одлука на САД.
Покрај Груевски и Мијалков, Стејт департментот ги санкционираше и членовите на нивните потесни семејства, кои добија забрана за влез во Америка.
Претходно на „црната листа“ на САД, беа ставени и Љубе Бошковски, Мендух Тачи, Џеват Адеми, Кастриот Хаџиреџа, Невзат Халили, Гафур Адили, Нури Беџети, Џавит Хасани, Џезаир Шаќири, Даут Реџепи и Џемаил Хисени. сп/ац/