Ерменија е подготвена да ги отстрани контролните пунктови на границата со Азербејџан во согласност со мировниот договор
- Ерменија е подготвена да ги отстрани контролните пунктови на границата со Азербејџан, под услов тоа да се спроведе според петте принципи утврдени во Вашингтонскиот договор, изјави ерменскиот премиер Никол Пашињан.
Ереван, 21 август 2025 (МИА) - Ерменија е подготвена да ги отстрани контролните пунктови на границата со Азербејџан, под услов тоа да се спроведе според петте принципи утврдени во Вашингтонскиот договор, изјави ерменскиот премиер Никол Пашињан.
-Овој договор јасно формулира пет основни принципи: територијален интегритет, суверенитет, јурисдикција, неповредливост на границите и реципроцитет, нагласи Пашињан пред новинарите. „Дури и кога го презентиравме проектот „Крстопат на мирот“, изјавивме дека сме подготвени да воведеме регулативи и олеснувања врз основа на овие принципи“.
Тој истакна дека веќе постојат успешни примери на слични гранични олеснувања низ целиот свет, наведувајќи ја употребата на биометриски пасоши и дигитални технологии кои овозможуваат воведување на сосема нови процедури.
-Во иднина, за пет, 10 или 15 години, методите како што се темелните проверки на луѓето на ерменските гранични премини постепено ќе бидат укинати. Ќе се стремиме да ги поедноставиме процедурите - не само на ерменско-азербејџанските гранични премини, туку и на сите други, со цел да се олесни деловната средина, извозот, увозот и транзитот колку што е можно повеќе. Ова е најсоодветната и најважна средина за бизнисот. Подготвени сме за секакви олеснувања, сè додека се вклопуваат во рамките на петте принципи“, рече Пашињан. мс/
фото: МИА архива