• недела, 22 декември 2024

Ердоган: Шумските пожари во Турција се најтешките во историјата

Ердоган: Шумските пожари во Турција се најтешките во историјата
Анкара, 5 август 2021 (МИА) - Турција се бори со најтешките шумски пожари во својата историја, изјави претседателот Реџеп Таип Ердоган, кога пожарот во област во југозападниот дел на земјата се прошири на термоелектрана.
- Пожарите што се случија оваа година никогаш не се случиле во нашата историја. Ова се досега најголемите пожари, рече Ердоган во телевизиско интервју.
Поради високите температури и силните ветрови, пожарите принудија илјадници Турци и странски туристи да ги напуштат своите домови и хотели на брегот на Егејското Море и Медитеранот. Осум лица го загубија животот во пожарите од минатата недела.
Авиони и десетици хеликоптери им се придружија на пожарникарите кои се борат со огнот на терен, но владата на Ердоган се соочи со критики за брзината на одговорот. Повеќе од една недела откако избија првите пожари, 16 од нив се уште горат, рече министерот за шумарство.
„Во последните две недели, во пожарите во Турција изгоре трипати поголема површина од она што се уништува од пожар во просек секоја година“, соопшти Европската противпожарна агенција.
Претходно, екологистите изјавија дека се загрижени за можното ширење на пожарот во складиштето за јаглен во термоцентралата. паг/
 

Остани поврзан