• петок, 05 декември 2025

Ердоган: Турција нема да дозволи фрагментација на Сирија

Ердоган: Турција нема да дозволи фрагментација на Сирија

Анкара, 1 октомври 2025 (МИА) - Турскиот претседател Таип Ердоган денеска изјави дека Турција нема да дозволи фрагментација на Сирија или загрозување на нејзиниот територијален интегритет доколку не успеат преговорите за спроведување на договорот за интеграција на Сириските демократски сили, предводени од Курдите, и сириската Влада, пренесоа британските медиуми.

„Ги ангажиравме сите канали на дипломатија со цел да го зачуваме територијалниот интегритет на Сирија и да спречиме формирање терористичка структура преку нашите граници. Продолжуваме да ги користиме тие канали со трпение, искреност и здрав разум“, рече Ердоган на настанот по повод повторното отворање на работата на турскиот Парламент.

Според него, доколку дипломатските иницијативи останат неодговорени, политиката и ставот на Турција се јасни.

„Турција нема да дозволи повторување на веќе виденото сценарио во Сирија“, рече турскиот претседател.

Официјална Анкара ги смета Сириските демократски сили (СДФ) за терористичка организација и предупреди дека ќе преземе воена акција доколку не се интегрира во сирискиот државен апарат во согласност со постигнатиот договор.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан